Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш
Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш – времето на злоупотреба на државни ресурси заврши, Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати, велат од владејачката партија.
„СДС повторно покажува дека нема никаква визија и идеја за развој на Македонија. СДС без идеи секојдневно растура пердуви во јавноста и шири дезинформации. Јавноста добро памети дека Заев и Филипче одеа на настани во Македонија со државен хеликоптер. ДУИ пак, владиниот авион го користеле и за летови до Ниш. Јавноста добро се сеќава дека од 30 дена, владиниот авион ексминистрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Заев и Филипче летаа од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Зоран Заев со Венко Филипче и Јагода Шахпаска, со хеликоптер на МВР, летаа до Прилеп на означување почеток на изградба на нова енергетски ефикасна градинка во сред пандемија. Заев и Филипче наместо за борба против ковид 19, парите ги трошеа за летање со хеликоптер од Скопје до Прилеп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинија дека Заев и Филипче ги злоупотребувале државните ресурси, имајќи предвид дека едно летање на хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали.
„СДС наместо демагогии и лаги, да понудат идеи и конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и државата. Врeмето на недомаќинско работење како во времето на СДС заврши. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати за подобар животен стандард на граѓаните.“, пишува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

