Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заради неспособните Ковачевски и Спасовски граѓаните чекаат на минусни температури за да се сликаат за нова патна исправа
Власта создаде хаос со неспособноста да организира издавање на патни исправи, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Заради неспособните Ковачевски и Спасовски илјадници граѓани два месеци наназад чекаат на минусни температури и по неколку часа на ден, за да дојдат на ред да се сликаат за нова патна исправа. Од 2 милиона и 500 илјади граѓани со македонско државјанство до сега патна исправа извадиле 1 милион и 200 илјади граѓани. Остануваат некаде околу 1 милион и 300 илјади. Тие 1 милион и 300 илјади не можат да бидат издадени до февруари. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ во понеделник ќе поднесе претставка до Уставниот суд за ставање во сила на делот од Законот за патни исправи со кој се обврзуваат граѓаните да ги сменат своите патни исправи до февруари. Дополнително што власта ја оставила државата и без обрасци за патни исправи. Интенцијата на власта е да се создаде дополнителен хаос и компликации. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, пишува партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани на Самитот на лидери во Тирана: Нашиот пат кон Европа е заеднички избор и заедничка обврска
На покана на државната министерка и главен преговарач на Република Албанија, Мајлинда Дука, министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Тирана учествуваше на министерскиот состанок, што се одржа во рамките на Самитот на лидери за Планот за раст насловен „Нашиот пат кон ЕУ“.
На состанокот учествуваа министрите за европски прашања од Западен Балкан и главни преговарачи со ЕУ, високи претставници на Европската комисија, регионални организации како ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, РЕСПА и претставници на финансиските институции ЕИБ, ЕБОР и Светска банка. Главна тема беше продлабочувањето на економската и институционалната интеграција на Западен Балкан во Единствениот пазар на Европската Унија преку клучните иницијативи од Планот за раст меѓу кои се „Роаминг како дома“, приклучувањето кон СЕПА, проектот WiFi4WB, Зелените коридори, Заедничкиот регионален пазар 2.0. и др.
Во своето обраќање министерот Муртезани истакна дека патот кон Европската Унија останува централна стратешка определба, нагласувајќи ја потребата од конкретни резултати и практична интеграција што носи реални придобивки за граѓаните и економиите во регионот.
Тој го поздрави отворањето на сите преговарачки кластери на Албанија со ЕУ како важен поттик за целиот регион.
Муртезани ги претстави постигнувањата на Северна Македонија во дигиталната и економската трансформација меѓу кои се унапредувањето на законодавството за електронски комуникации, воспоставувањето на центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, приклучувањето кон СЕПА-системот и напредокот во рамки на иницијативата WiFi4WB. Тој потенцира дека земјата бележи резултати во повеќе од 29 реформски чекори преку Инструментот за реформи и раст, вклучувајќи области како дигитализација, подобрување на деловната клима и управување со јавните финансии.
„Западен Балкан денес не зборува само за европска иднина, туку ја создава преку конкретни реформи, регионална соработка и споделени вредности“, рече министерот Муртезани.
Македонија
Пренџов: СДС го користеше судството за свои политички цели
Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година нагласи дека за време на владеењето на СДС биле предложени законски решенија преку кои биле поставувани партиски кадри во Судскиот совет, институција која ги избира, именува и казнува сите судии во државата.
„Во Собранието предлагавте законски решенија, во кој што стававте партиски кадри, од Судски совет, тоа се луѓето коишто ги избираат, именуваат, казнуваат сите судии во Македонија“, вели Пренџов.
Пренџов посочи дека во изминатите 30 години, кога СДС биле на власт, немало реализирани капитални проекти, а криминал и корупција се заканувале и го контролирале функционирањето на државата. Тој додаде дека владеењето на СДС се базирало исклучиво преку судството и обвинителството.
„СДСМ изминатиот период немаше добри проекти, вие исклучиво функциониравте и владеевте преку обвинителството и преку судството. Бидејќи обвинителството апсеше по наредба на Зоран Заев, а судството судеше исто така по наредба на Зоран Заев“, подвлече Пренџов.
Пратеникот Пренџов заклучи дека граѓаните заслужуваат транспарентно, професионално и независно судство, кое не се користи за партиски цели.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер, информира УХМР.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи.
Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.
Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.

