Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предлагаат формирање анкетна комисија за референдумот
Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието доставија предлог-одлука за формирање анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување.
„Покрај периодот на кампањата, анкетната комисија ќе има за задача да ги провери индициите дека на одредени избирачки места има сериозни нерегуларности, односно фалсификување на резултатите преку полнење кутии. Основаните сомнежи за сторен фалсификат на правото на граѓаните за гласање, односно негласање мора да се расчистат. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и некој мора да сноси одговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Анектната комисија, велат од таму, ќе има задача да утврди дали за време на кампањата постоело поткупување на гласачите и правење притисоци од одредени избрани и именувани јавни функционери.
„Како претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија имаме одговорност и обврска да утврдиме како и за што беа потрошени финансиските средства во кампањата за референдумот, со оглед дека беше финансирана од буџетот на Република Македонија. Анектната комисија треба да ја разгледа и утврди политичката одговорност за резултатите од референдумот, нарушениот углед на институциите и потрошените средства од буџетот“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полициски службеници од Охрид на средба со претставници од Здружението на пензионери
На иницијатива на СВР Охрид, денеска се одржа работна средба помеѓу полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и претставници од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
Целта на средбата беше размена на информации и координација околу повторните телефонски измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди.
Притоа, полициските службеници укажаа на потребата, Здружението низ своите активности како и низ други форми, да врши поинтензивно информирање на своите членови за телефонските измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди предизвикани од членови на нивните семејства.
Во таа насока, Здружението на пензионери, наскоро ќе организира трибина на оваа тема на која, членовите подетално ќе се запознаат со начините и формите на вршење на кривичното дело како и со постапките што треба да се преземат по добиено телефонско јавување. Целта е да се заштитат граѓаните од душевна болка но и од барањата на сторителите да плаќаат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да биде ослободен од кривичен прогон. По средбата, полициските службеници на повеќе места во градот, разговараа со повеќе граѓани и низ непосреден конатакт ги информираа за појавата со телефонските измами, за напорите на СВР Охрид за пронаоѓање на сторителите и ги повикаа граѓаните, на внимателни реакции при евентуално добиени известувања, апелираа да не наседнуваат на барањата за давање пари и итно пријавување на секое јавување.
Македонија
Општина Кисела Вода со јавен повик до жителите: активно да се вклучат во креирање буџетот за 2026 година
Општина Кисела Вода упатува јавен повик до сите свои жители, граѓански организации, здруженија, деловни субјекти од овој дел на градот, активно да се вклучат во процесот на креирање на Буџетот за 2026 година. Со оваа иницијатива, општината како што велат од таму, уште еднаш ја потврдува заложбата за транспарентно и отчетно управување, во кое реалните потреби на граѓаните се основа за планирање на идниот развој.
-Во духот на транспарентно и одговорно работење, како начело по кое постојано се водиме, процесот на креирање на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година го отвораме заедно со вас. Ова не е буџет што се создава зад затворени врати. Тој се гради врз вашите реални потреби, идеи, предлози и приоритети. Ве охрабруваме да размислите што навистина недостига во вашата населба или населено место и да го споделите вашето мислење со нас. Нашата цел е секој глас да биде слушнат, секоја потреба препознаена, а секоја вредна идеја, вградена во развојниот план на општината.
Вашите мислења и предлози можете да ги доставите од денес, понеделник 1 декември, до петок 5 декември, по електронска пошта на: [email protected].
Дополнително, сите граѓани имаат можност своите предлози лично да ги достават во која било од 15-те месни и урбани заедници на територијата на Општина Кисела Вода.
Со секоја ваша идеја добиваме појасна слика за тоа што навистина му е потребно на секој дел од Кисела Вода. Ова е можност заедно да покажеме дека нашата општина се развива преку активното учество на граѓаните и дека најдобрите решенија се раѓаат токму од нивниот глас. Заедно создаваме план за подобар живот и повеќе можности за сите- стои во повикот што го објави Општина Кисела Вода.
Македонија
Продолжува повратот на средствата од мерката „Мој ДДВ“ за скенирани сметки, соопшти Управата за јавни приходи
Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката „Мој ДДВ“ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат, ниту откажан.
„Во процесот на исплата кај некои од спецификациите се појави технички проблем, кој бара нивна целосна преработка. Имено, доколку постои дури и само еден налог, каде што се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници што се во ист налог како и корисникот што извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок“.
Од Управата појаснуваат дека исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за преостанатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
Апелираат до граѓаните: доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.
„Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните може да бидат спокојни – средствата што им следуваат од ‘Мој ДДВ’ ќе бидат исплатени“.

