Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога ќе прозбори Филипче, се шири мирисот на стариот режим на Заев
Секоја чест на актерската изведба на Венко Филипче – само што народот не аплаудира, туку превртува очи, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешното обраќње на лидерот на СДСМ на партиската трибина насловена „Македонија понижена – Една година Влада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога ќе се појави Филипче се шири мирисот на стариот режим на Заев, а сите веднаш се потсетуваат на изгорените животи во модуларните болници, на кинеските вакцини платени, а неснабдени, како и на милионските тендери поделени во 4 очи со неговите пријатели од политиката.
„Човекот кој ја водеше најсрамната здравствена политика во историјата, денес држи предавања за достоинство. Навистина одличен материјал за стенд-ап комедија. Седум години ја влечевте Македонија по кал. Ги осиромашивте граѓаните, ги исплашивте инвеститорите, ги партизировавте институциите до последниот портир и ја претворивте државата во бокс-ринг за вашиот внатрешен картел.
А сега, кога конечно некој почна да расчистува, се јавува токму Венко да каже дека „немало перспектива“. Перспективата, господине Филипче, исчезна кога вие се качивте во бизнис-класата и почнавте да ги носите пријателите на скапи патувања, додека пациентите ги носеа во нестерилизирани сали со фотоволтаици што никако не стигнаа.
Сега ви пречи што новата влада наместо бизнис во Дубаи, избра работа дома. Што наместо пропаганда, избра проекти. И што наместо тендери за свои, воведе одговорност за сите. Да, се живее тешко – ама за првпат по долго време, не поради кражби, туку поради отплата на вашите долгови. Македонија не е понижена, Македонија се издигнува – а вас ве остава зад себе. И не – нема да ве чека. Затоа седнете си, одморете од лагите. Овојпат – без тендер. И јавете му се на Заев, може има некој концерт, за вас е“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

