Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Картелот наречен СДСМ преку непотизам ја претвори државата во своја сопственост
Криминалниот картел во врвот на власта ја киднапира Македонија, реагираат во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека СДСМ и Зоран Заев со непотизам и партизација ја урнисуваат државата и ги приватизираат институциите.
„Државните институции се користат за вработување партиски активисти и луѓе блиски до врхушката на власт. Наместо транспарентност и отчетност при вработувањето во државните инстуции, како што ветуваа во предизборниот период, сега имаме вработување по партиски клуч и згрижување блиски роднини на функционерите како начин на работа“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека поранешниот член на ДИК, Игор Милев, е вработен како советник на директорот на Царинската управа, а неговата сопруга, иако била треторангирана, била избрана за судија во Апелациониот суд во Скопје.
„На позиција втор човек во АД за стопанисување со станбено-деловен простор е поставен Јон Фрчкоски, син на Љубомир Фрчкоски, а удомување во АД ЕЛЕМ добија и синот на Мирослав Грчев, ќерката на Талат Џафери и сопругот на Магдалена Несторовска. Единствен услов овие луѓе да се вработат во институциите на државата е слепата лојалност кон криминалниот картел на СДСМ и роднинските врски“, стои во соопштението.
Оттаму додаваат дека и на локално ниво има масовна партизација.
„По преземањето на функцијата градоначалник, своите сопруги како наставници ги вработија и градоначалниците на Берово и Неготино. Директорите на институциите исто така си ги вработуваат своите сопружници и деца. Градоначалничката на Битола својот брат си го вработи како наставник веднаш по стапувањето на функција, а по нејзин пат продолжија и директорите на другите институции. Градоначалникот на Прилеп си ги вработи двете свои внуки и зетот на државна сметка. Криминалниот картел наречен СДСМ ја претвори државата во своја приватна сопственост“, констатираат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

