Македонија
ВМРО-ДПМНЕ најави претставка до Уставниот суд за ставање привремена мерка на Законот за патните исправи
Ќе побарам поддршка од извршниот и од централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување претставка пред Уставниот суд за ставање привремена мерка на Законот од 2021 година за патните исправи, објави лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
„Имаме две опции – едната е во парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи и тоа е една од опциите. И втората опција, на која работи ВМРО-ДПМНЕ, е дека денеска ќе побарам поддршка од извршниот и од централниот комитет е да се поднесе претставка пред Уставниот суд како суд што се грижи за Уставот, кој е над сите закони, и да се стави привремена мерка на законот од 2021 година да биде надвор од сила сѐ до следното одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите. Доколку Уставниот суд е експресен како што видовме во минатото, тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа привремена мерка. Еве да не се сведе тоа на партиско-политичка преписка во парламентот, Уставниот суд одговорен за Уставот да донесе привремена мерка надвор од сила сѐ до следното негово одлучување дали е уставен или не е уставен и на тој начин другиот ден ќе нема редици такви какви што има“, заклучи Мицкоски.
Тој вели дека МВР не располага со доволен капацитет да може во брз рок да бидат променети приближно 2,5-2,7 милиони македонски пасоши во согласност со обврските што се преземени, а се дел од законското решение донесено во 2021-година.
„Таму имате два апарата кои работат од 7 до 10 часа на ден, секој од нив има капацитет од 120 пасоши на час или пак, ако тоа го сведеме во континуирана работа без прекин вие можете годишно максимум до половина милион патни исправи да промените. И тоа во идеални услови, под услов овие апарати да работат без дефект што значи дека се потребни 6 години со ова темпо и динамика да дојде до промена на сите патни исправи или со други зборови, ако 2021-ва година е донесен Законот тогаш најрано 2027-ма година може да се изврши промена на сите 2,5 – 2,7 милиони македонски патни исправи“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде и дека втора работа што МВР и Спасовски ја прават е тоа што доцнат со набавката за обрасци.
„Втора работа МВР на чело со Спасовски доцни со набавка на обрасците потребни за да се издадат овие патни исправи. Зошто тоа го прави? Затоа што доаѓа техничка влада, технички министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сега ќе се создаде вакум простор до март кога треба да дојдат новите обрасци и тогаш на примитивен простачки начин да се обвинува идниот технички министер кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е целта политичка на Оливер Спасовски и тие кои моментално го водат МВР“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа на тоа дека и после 12 февруари личните карти се важечки.
„Трета работа која граѓаните треба да ја знаат е дека личните карти и после 12 февруари се важечки и дека пензионерите со тие лични карти ќе може да ја подигнуваат пензијата и понатаму. Тие лични карти во внатрешниот промет се валидни документи и немаат потреба да бидат загрижени дали ќе може да се гласа со тие лични карти бидејќи ќе може да се гласа бидејќи тие не се дел од промената на документите. Апелирам до граѓаните оние кои имаат важечка лична карта да бидат спокојни бидејќи таа и после 12-ти февруари останува во правниот промет во Македонија. Пензионерите ќе може да си ги подигнуваат своите пензии, вработените своите плати, студентите своите стипендии, кредити итн. Да не подлегнуваат на обидите на власта за манипулација а потоа да се сврти вниманието кон техничката влада односно кон техничкиот министер кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

