Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема ден без порази и неуспеси, УКИМ на 1.990. место на светското рангирање на универзитети, 26 места полошо од лани
Најдобриот македонски универзитет, УКИМ, бележи пад од 26 места на листата на Центарот за рангирање на светските универзитети во споредба со лани, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
„Од 1.964. место сега дошол до 1.990. место и е далеку зад универзитетите во регионот. Универзитетите во Крагуевац, Нови Сад и Риека според рангирањето се далеку подобри од македонскиот најдобар универзитет.
Ова само покажува дека во Македонија се случува сериозен пад на квалитетот на високото образование со оваа власт на СДС и ДУИ. Нема инвестиции во науката, нема инвестиции во образованието, нема инвестиции во човечкиот капитал и кадарот на универзитетите.
Ковачевски треба да се срами од овој поразителен податок, дотолку повеќе што се преставува како професор. Штом не направил ништо за образовниот сектор од кој доаѓа, значи дека и од таа област нема врска. Се случува целосен распад на системот. Се е пуштено во удолница со оваа власт. Единствено што ги интересира властодршците од СДС и ДУИ е како да наместат тендер, како да украдат, како да се збогатат на сметка на граѓаните и на државата. Ќе одговараат за урнисувањето на образованието како и за сите други сектори во државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

