Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Не добивме датум за преговори бидејќи земјата е предводена од корумпирана власт
,,Европската Унија потврди дека Заев и СДСМ ја уназадија државата. Република Македонија не доби датум за преговори затоа што е предводена од корумпирана и криминална власт чии бизнис интереси се поважни од интересите на граѓаните”; соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Советот на министри на ЕУ порача дека не сакаат да бидат во исто друштво со земја која е предводена од два пати аболициран премиер кој е фатен жив како бара мито и кој си доделува земјиште на сопственото семејство.
,,Па зарем премиерот Заев мислеше дека ќе може да ја прелаже Европа дека најпосакуван бизнис партнер преку ноќ стана неговиот брат, дека се прави рекет. Зарем во Европа ќе одиме со тендери чии победници се знаат уште пред да се отворат.Во Европа ли ќе одиме кога главниот земјоделски магнат станува семејството на премиерот преку плантажи на марихуана а не обичните земјоделци? Зарем мислеше дека ќе ја прелаже Европа дека криминалот царува а корупцијата расте?Со СДСМ на власт мафијата си доби сопствена држава, криминалот и корупцијата цветаат, економијата тоне, а државата доживува неуспеси на сите полиња”, смета партијата.
,,Додека на Заев му течат бизнисите со марихуана, „Герас Цунев“, „Цареви кули“ и камионите им возат за РЕК, тој причината за неговиот неуспех да ја внесе Македонија во ЕУ ја бара кај сите освен кај себе. Дури и подготвен е да не искара со меѓународните партнери на Република Македонија само да не признае дека тој е причината поради која не добиваме датум преговори со ЕУ. Со Зоран Заев и СДСМ државата само пропаѓа и уназадува. Тие не можат да донесат подобар стандард и европска иднина за Македонија. На граѓаните и Македонија потребни им се промени, обнова и напредок кои единствено ќе дојдат кога оваа криминална власт на СДСМ ќе замине”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

