Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повикува на протестен марш в недела во Штип
СДСМ и Зоран Заев направија правдата во Република Македонија да биде дефектна, селективна и нефункционална. Додека пратеници, режисери, актери и патриоти се во притвор, криминалци од типот на Бајруш Сејдиу се на слобода. Ова што денес се случува во Македонија не е правда, туку неправда. Политички монтиран процес кој има цел заплашување на сите оние што не мислат како Заев, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ и Зоран Заев преку судот ослободија 800 криминалци пред локалните избори, а тој филм сега го гледаме повторно со ослободување на Бајруш Сејдиу во пресрет на референдумот. Секогаш кога треба да се одлучува за судбината на Македонија, СДСМ ослободува криминалци што имаат цел преку страв и закани да ја исполнат агендата на криминалниот картел.
„СДСМ се откажа од она што е најсвето за Македонците и македонскиот народ. Името, јазикот, идентитетот и македонското малцинство повеќе нема да постојат поради капитуланскиот договор што Зоран Заев и Никола Димитров го потпишаа со Грција. ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа капитулантското дело наречено договор за промена на вековното име.
Името не е во сопственост на Зоран Заев. Тоа е света работа, натпартиско прашање и не може да се решава од политичар кој поради аболициите и поврзувањата со криминални шеми е подложен на уцени. Договорот со Грција е капитулација која е целосно спротивна на националните и државните интереси. Наместо решение, како што тврдат од СДСМ, ова ќе биде почеток на идни блокади од страна на Грција сè со цел спречување на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Зоран Заев избега од дебата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев избега да се соочи зашто знае дека ќе биде разобличен и нема аргументи со кои ќе ги брани криминалот и капитуланскиот договор“, се вели во соопштението.
Во него се додава: „Заев излажа како што ги лажеше граѓаните кога на своја рака одлучи да спроведе консултативен референдум исплашен дека нема да може да го испорача она што му го има ветено на некој друг. За да ги достигне европските вредности Република Македонија, потребно е СДСМ и Зоран Заев да си заминат од власт затоа што само така државата и граѓаните ќе одат напред. Затоа, ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестниот марш што го организираме во Штип в недела со почеток од 13 часот. Време е да се обединиме, заеднички и сложно да ѝ кажеме на оваа власт дека доста е со криминалите и доста е со распродавањето на државните и националните интереси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Играта е право: Нова иницијатива за проширување на учењето преку игра
За време на посетата на градинката „Младост-Риниа“ во Тетово, Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНИЦЕФ и партнерите го означија почетокот на новата иницијатива „Учење преку игра и образование во раното детство“ во насока на промовирање интегрирани пристапи кон играта во раното детство.
Иницијативата, поддржана од Stiftung Kinderförderung von Playmobil (Фондација Плејмобил) е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за унапредување на развојот во раното детство. Програмата има за цел да обезбеди сите деца, без разлика на нивното потекло или околности, да имаат континуирани можности за развој и учење преку игра.
Со цел пристапите на учење преку игра да станат суштински дел од раното детско образование, иницијативата вклучува поддршка за развој на нова програма за образование во раното детство и ревидирање на националните стандарди за рано учење и развој.
„Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество. Играта е јазикот на децата – преку неа тие учат, растат и се подготвуваат за живот“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Како дел од иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“, Фондацијата Плејмобил донираше и над 9.000 сетови за игра на УНИЦЕФ. Овие сетови се распределени во сите јавни градинки и други установи за згрижување деца. Тие се користат за да им се помогне на децата да учат на забавен и интересен начин за здравата исхрана, рециклирањето, заштитата на животната средина и рамноправноста помеѓу момчињата и девојчињата.
„Играта има суштинско значење за учењето, здравјето и отпорноста на децата,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Од најраните денови од животот, интеракциите преку игра го стимулираат развојот на мозокот и помагаат да се изградат сигурни емоционални врски. За децата од предучилишна возраст, играта претставува можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да изградат самодоверба и да ги постават темелите за доживотното учење.“
И покрај овие придобивки, значењето на учењето преку игра недоволно се препознава во Северна Македонија. Податоците покажуваат дека 57% од мајките и само 5% од татковците учествуваат во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3–4 години.
За да се надмине овој јаз,иницијативата ќе обезбеди и поддршка за родителите и старателите преку градење на капацитетите на патронажните сестри и проширување на апликацијата за родителство „Bebbo“ со информации, ресурси и стратегии за вклучување на играта во секојдневниот живот.
„Со задоволство го поддржуваме овој вреден проект, и преку донација и преку Плејмобил материјали“, изјавија Андреа Мерингер и Флоријан Лефлер, членови на Управниот одбор на Фондацијата. „Со интерес ќе го следиме не само развојот на наставната програма, туку и како ќе се прошируваат можностите за учење и развој преку игра.“
Со поддршка на стручните работници и семејствата, иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“ има за цел да обезбеди секое дете да има можност да расте, учи и напредува преку моќта на играта.
Македонија
Градоначалничката Трајкоска заедно со сопругата на Мицкоски и пратеничката Пешевска се дружеа со децата со церебрална парализа во населбата Расадник
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со сопругата на премиерот Рози Мицкоска и пратеничката Жаклина Пешевска, денеска остварија предновогодишна посета на Клубот за деца со церебрална парализа во населбата Расадник.
Во празнична и топла атмосфера, тие се дружеа со децата, учествуваа во новогодишната забава, заеднички ја китеа елката и пееја, а на децата им беа поделени и новогодишни пакетчиња. Притоа беше истакната важноста од континуирана поддршка за децата со церебрална парализа и нивните семејства.
„Имав чест и голема радост да бидам дел од една навистина посебна празнична атмосфера. Искрената радост и насмевките на децата се најголема потврда дека ваквите средби значат многу и се неопходни“, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Таа нагласи дека грижата за овие деца мора да биде постојана и суштинска, додавајќи дека заедницата е силна онолку колку што обезбедува еднакви можности за сите, особено за оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Ќе продолжиме со несебична поддршка. Овие деца и нивните семејства секогаш ќе имаат партнер во нас“, порача Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Мицкоски: Според ДЗС за 7.000 граѓани е зголемена вработеноста во третиот квартал, споредбено со лани
Третиот квартал оваа година, споредено со третиот квартал минатата година, има седум илјади и повеќе вработени на сметка на седум илјади помалку невработени. Односно, ако во третиот квартал минатата година имало околу 698 илјади вработени, сега има 705 илјади. Минатата година, во третиот квартал, имало 98.000 невработени, а сега има 91.000, што значи дека бројот на вработени и невработени пропорционално се зголемува односно намалува, одговори на новинарско прашање претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика, во врска со информација за движењето на невработеноста.
Премиерот Мицкоски се осврна и на трендот што голем број иселени македонски граѓани одлучуваат да се вратат во државата и тука да отпочнат свој бизнис.
„Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани, последните десет години поради состојбата која што беше во државата кои што одлучија да заминат, полека се враќаат. Голем дел од луѓето кои што тогаш заминаа, еве остваруваат контакти со мене или со голем дел со институциите во Владата и одлучуваат да се вратат и повторно тука да го продолжат својот живот, што исто така е охрабрувачки тренд. Тоа значи дека ќе се зголемува бројот на вработени, ќе се зголемува бројот на луѓе кои што ќе отпочнат свој бизнис или пак ќе најдат начин како да работат тука, дома, наместо некаде надвор, бидејќи и таму, гледате, состојбата каква е, со многу проблеми, обременета. Така што тоа е тренд кој што охрабрува, и јас сум уверен дека тој тренд ќе продолжи. Така што овој параметар е добар и охрабрувачки“, изјави премиерот.
Фото: Unplash

