Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Повлекувањето на советникот на Тевдовски не смее да биде амнестија за Заев
Повлекувањето на советникот на министерот за финансии, Драган Тевдовски, не може и не смее да биде амнестија за Зоран Заев за економската катастрофа што ѝ ја донесе на Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение еден ден по најавата на Бранимир Јовановиќ дека се повлекува од Министерството за фиансии.
„Стратегијата за напуштање на бродот што тоне не е, ниту смее да биде бегство од одговорноста за осиромашувањето на државата и граѓаните. Заев, Тевдовски и Анѓушев ја покачија акцизата, си го зголемија буџетот, го зголемија задолжувањето, а ги занемарија капиталните инвестиции и на Македонија ѝ донесоа најмал економски раст во регионот и пошироко. За овој срам не може да биде виновен само советникот на Тевдовски. Економијата две години е во колапс. СДСМ потроши 7 милијарди евра буџет за две години, а ништо не е направено. Нема нови автопати, нема нови инвестиции, нема нови болници, училишта и градинки“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Опозициската партија додава дека нивото на реализација на капитални инвестиции за првите три месеци од годината е малку над шест проценти. Доколку се продолжи со ова темпо до крајот на годината, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нивото на реализација ќе биде катастрофално ниско. Истата ситуација се случи и минатата година. Тоа се две години од животот на граѓаните што поминаа без ниту една позначајна инвестиција.
„И додека нивото на реализација на капитални инвестиции е катастрофално ниско, висината на задолжувањето е енормно. Никој не знае каде се потрошени над половина милијарда евра пари на граѓаните, сума за која власта се задолжи кај странските и домашните кредитори. Власта се задолжува, а граѓаните се сè посирмашни. Над 500.000 граѓани живеат на прагот на сиромаштија. Младинската невработеност е највисока во регионот и во Европа во целост. Сè поголем е бројот на граѓани што решаваат трајно да ја напуштат државата и да се отселат во странство. Со СДСМ граѓаните губат надеж, а бизнисите немаат перспектива. СДСМ треба да си замине. Граѓаните заслужуваат подобро“, додава ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

