Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Почнува инвестициски циклус од 6 милијарди евра кој ќе донесе економски раст и развој на државата
Со потпишувањето на договорот со Велика Британија на Македонија ѝ се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Ова е најголема економска рамка од 6 милијарди со која ќе започне инвестициски циклус во Македонија.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план, визија и решенија за заштита на животната средина. Конкретен план за Чебрен и Галиште. Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште се стратешки проект кој ќе се реализира со инвестиција од 1,3 милијарди.
Градежната офанзива којашто е во тек ќе продолжи и со инвестиции во железничкиот сообраќај и изградба на брза пруга. Ќе се реализира многу важен проект од железничкиот сообраќај, артерија на Коридорот 10.
Со инвестиција од околу 2 милијарди евра ќе се гради брза пруга Табановце-Гевгелија. Постоечката пруга ќе се реконструира, и ќе се направи уште една паралелна пруга
Во делот на здравството, конечно завршување на болницата во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово.
Во делот на образованието, во првиот бран, веќе има два проекти, тоа е изградба на нов медицински факултет во Штип и вториот проект е изградба на студентски дом во поддршка на факултетот со најмалку 200 легла.
Ќе започнат и нови проекти од енергетиката, транспортот, медицината, здравството и дигитализацијата. Сето ова подразбира отворање на нови работни места, развој, напредок, многу нови инфраструктурни проекти со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

