Македонија
ВМРО-ДПМНЕ предлага резолуција за преговорите со Бугарија
ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до македонското собрание резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со нашиот источен сосед, потребен е национален консензус, истакна на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Оваа резолуција би имала обврзувачко дејство согласно волјата на народните избраници, а врз Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.
„Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес. На овој начин оставаме поширок простор за прифаќање на оваа резолуција и од останатите политички партии во македонското Собрание. Очекуваме широка општествена поддршка во дефинирањето на она што е национален и државен интерес“, рече Мицкоски.
Во текстот што ќе биде доставен во Парламентот се наведува дека преговорите треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
Се бара, да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
– Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
– Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе – вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
– Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
– Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
– Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
– Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, се наведува во резолуцијата.
Мицкоски рече дека е подготвен сум на дебата, на заедничка размена на мислења, но и уште поважно да испратиме заедничка порака дека нашиот идентитет, јазик и историја е наше право, наша обврска која ќе ја штитиме заеднички.
Тој оцени дека европската иднина на Македонија е заглавена и закочена, а незнаењето и неодговорноста на Владата создаде нов спор и проблем во последните 3 години.
„Нашата Влада секојдневно тргува со нови идентитетски обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик. Секој ден нови изјави, секој ден новa непозната, нови преговори и секој ден она што е најболно за македонскиот народ, нови отстапки. Оваа Влада во решавањето на спорот со Грција не сакаше да има наш, македонски државен и национален консензус. Сама без никого, без опозицијата, без другите општествени фактори донесе решенија. А тие до ден денес и секој ден повеќе се потсетник како не треба да се постапува и како треба да се учи од грешките кои скапо нè чинат сите нас. До сега оваа Влада требаше да научи дека е потребен национален и државен консензус за националните и државни прашања. Како дојде до спорот со Бугарија? Главната причина е домат пазарџиската дипломатија на Зоран Заев и Никола Димитров. Сето ова е последица на непознавањето на државните односи на Балканот и неразбирањето на последиците од секоја една постапка“, рече Мицкоски.
Нагласи дека бугарските црвени линии се содржани во бугарската декларација и во ставовите соопштувани од претседателот и Владата на соседна Бугарија. За разлика од нив, вели Мицкоски, наште граници не се дефинирани и немаме една позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.

