Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Реномираната германска компанија ЕПСОТЕХ со инвестиција од 20 милиони евра влегува во Македонија и отвора 110 работни места во оваа фаза
Во Македонија своја инвестиција најави компанијата Епсотех во износ од 20 милиони евра, која ќе отвори производствен погон во близина на Скопје и 110 нови работни места, пред се високо стручен кадар, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овие индустриски капацитети на германската компанија, која е во партнерство со белгиската „Аим“, ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија. Оваа компанија е лидер на пазарот во Германија и е застапена на над 25% од истиот, што значи дека соработува со сериозни индустриски гиганти. Еден од главните белези во нивното производство е дека рециклираат материјали од земјоделството, рибарството, па дури и од компаниите со кои соработуваат.
Дополнително ќе се отвори и развојно истражувачки центар, а веќе постои интерес за понатамошна соработка и нови инвестиции и отворање на повеќе работни места. Оваа инвестиција е втора во рок од две недели, што само покажува дека доколку постои силна волја и посветеност бројот на инвестиции во Македонија може да се зголемува. Долго време земјата беше на дното по привлекување на странски инвестиции во споредба со земјите од регионот, што пред се беше резултат на неодговорниот пристап на власта на СДСМ и ДУИ, непредвидливата економска клима и лошиот имиџ на државата кој го изградија во изминатите години. Инвеститорите беа многу претпазливи и најчесто избираа да инвестираат во некоја земја од соседството отколку во Македонија.
Работите се менуваат на подобро, затоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди концепт на работа“, пишуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд, засилен ветер и грмежи
Денеска не очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, се наведува во прогнозата на УХМР.
Како што информира УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“

