Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да каже дали командант Хоџа е ангажиран како советник на Заев

СДСМ да каже дали командант Хоџа е ангажиран како советник на Заев, порача денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Веќе два дена молчи целото министерство за транспарентност, веќе два дена молк од оваа ненародна влада, за тоа дали човекот фотографиран како излегува од зградата на Владата на Република Македонија е Џезаир Шакири познат како Командант Хоџа ? Владата треба да одговори дали е точно дека Џезаир Шаќири од јули 2001 година е на црната листа на Соединетите Американски Држави потпишана од тогашниот претседател Џорџ Буш, токму заради заканата што ја претставувал по безбедноста заради фундаментализам и екстремизам? Дали овој Шаќири се уште е на американската црна листа? Дали е точно дека ова лице што излегува од зградата на Владата било вмешано во нападот и убиството на полициски службеник во трговскиот центар Чаирчанка во Скопје ? Дали е точно дека службите поседуваат бројни оперативни информации за негова вмешаност во нелегална трговија и шверц на оружје и дрога? Дали е точно и дека во декември 2001 година на Косово, во Витина, било пукано во него поради сомнеж дека проневерил пари од фонд на тогашната УЧК?“, праша Стоилковски.
Тој додаде дека доколку фотографиите кои се шират во јавност се верни, владата не смее да крие информации и треба да соопшти со која цел Џезаир Шакири алијас Командант Хоџа бил во службените простории на Владата, како и дали се вистините гласините што ги следат овие фотографии дека Зоран Заев бил дотолку уценет што прифатил да го ангажира Шакири како надворешен советник и да го плаќа со пари на граѓаните.
„Тоа што владата два дена нема информација дали тој е ангажиран или не е доказ за срамните пазарења кои што се прават. Ако немаат проста информација за тоа кој работи во владата, тогаш какви информации имаат и можат да пласираат од министерството за транспарентност на оваа ненародна власт? Да не беше трагично, ќе беше смешно“, рече портпаролот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.