Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е во паника и сѐ поочигледниот пораз сака да го минимизира со поткуп и насилство
„СДСМ е во паника и сѐ поочигледниот пораз сака да го минимизира со поткуп и насилство.
Параполициски структури, како таа во Прилеп, се формирани и во Битола, Охрид, Кочани.
Поткуп во првиот круг е вршен и во Крива Паланка, каде што неформално главен на групата е Љупчо Николовски. Првиот доказ е разговор на активист на СДСМ, Новица Груевски, со веќе избраниот градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ, Сашко Митовски.
Сашко – Нафаќат се пак за 200 евра.
Новица – Тие се од збор ако кажат ДА така ќе биде.
Сашко – Да! Сабајле се договараме.
Новица – З…. ѕверче си.
Сашко – Знаеш дека нема да оставам на случајност ништо.
Новица – Знам и ради тебе веруем дека ќе ги добиеме у Паланка!
Власта ја злоупотребува и Единицата за специјални задачи. Задачата и обуката на овие лица се да се справуваат со урбан тероризам и да се справуваат со екстремни групи. Прашањето е што тие би барале во градовите во Македонија, каква е нивната улога во Охрид, Битола и во Кочани?
Групи доверливи лица за врвот на власта од Единицата за интервенции се пратени пред 2 дена во цивилна облека и необележани возила на МВР, по една група во Кочани и Охрид, а две групи се во Битола, со задача да им помогнат на партиските параполициски структури во теророт и поткупот врз населението. Состојбата во Битола е иста како во Прилеп, каде што преку вибер-групи се давани насоки за следење, малтретирање и шиканирање неистомисленици.
Во Битола главен на овие групации е Васко Ковачевски, а извршители се тројца началници на СВР Битола – Славко Ј., Николче Ѓ., Вангел Б. А дел од групата се и Горанче М., Ирена М. и уште десетина други полицајци.
ВМРО-ДПМНЕ за овие активности ќе ги извести меѓународните претставници, но и ќе поднесе соодветни пријави.
Граѓаните веќе не се плашат и сами ги пријавуваат ваквите бандити од власта. Време е за промени. А бандитите да заминат во историјата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Се воведува истражувачко новинарство во наставата по Граѓанско образование за 8. и 9 одделение
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.
Модулот за истражувачко новинарство е вид на практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
„Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока“, рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.

