Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да го праша Филипче дали се живее лошо во Македонија и од каде му се парите за забави на јахта со Заев
СДС пред да зборува за економските политики и за тоа како се живее во државата, нека го праша Филипче како живее, бијдеќи тоа што го збори СДС, а Филипче го прави не соодветствува едно со друго, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на која СДСМ побара покачување на минималната плата и платите во сите сектори.
„Нека каже Филипче како со лекарска и пратеничка плата, се стига до јахти, облакодери и акции во авиокомпании, па да ја раководиме економијата на државата во тој правец. Секако, ако е легално и законски начинот на кој ги заработил парите.
Кога се зборува за економија и животен стандард, СДС треба да се скрие и да молчи. Од земја на раб на банкрот, зголемени сметки, плати кои стагнираат и не се исплаќаат во време на СДС, за една година го сменивме начинот на живеење. Сега, граѓаните имаат повисоки плати, пензии, нови работни места, земјоделците добиваат субвенции.
Разликата е јасна. Со СДС се крадеше, а сега со ВМРО-ДПМНЕ се градат темелите на промените“, се додава во партиската реакција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта
Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта.
Инспекциските служби, по пријави од граѓаните, излегоа на терен и извршија инспекциски надзори, информираат од општината.
„Констатирано е дека локалите не се придржувале до законските прописи, па затоа е донесена оваа санкција. Доколку не ги почитуваат законите и прописите за работа, ќе следуваат и кривични пријави“.
Најавуваат дека инспекциските служби продолжуваат со интензивни контроли на угостителските и туристички објекти, особено во вечерните и ноќните часови.
„Доколку граѓаните забележат неправилности во работењето на угостителските објекти, можат веднаш да пријават на: [email protected]“, соопштија од општината.
Македонија
Костадиновски: И покрај притисоците и влијанијата, Уставниот суд остана цврст столб на правната држава
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржа годишна прес-конференција на која ги презентираше работењето и активностите на Судот во изминатата година, како и приоритетите за 2026 година.
Упати апел до Судскиот совет и до Собранието да изберат двајца нови уставни судии, со цел Уставниот суд да продолжи непречено да ја извршува својата надлежност.
„Заокружуваме година во која Судот работеше ефикасно и транспарентно, во услови на зголемени очекувања и комплексни предизвици. Во услови на динамични општествено-политички процеси, Судот и покрај притисоците и влијанијата, останa цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот“.
Костадиновски истакна дека Уставниот суд, одговорил на доверената задача, професионално, независно и непристрасно.
„Ќе кажам дека не беше лесно и едноставно, ниту пак одлуките секогаш беа примени со одобрување во јавноста. Но, при носењето на одлуките се водевме од една единствена цел, а тоа е лојалноста кон Уставот, наспроти сите останати политички, економски и партиски обиди за влијанија“.
Според него, довербата на граѓаните во Уставниот суд продолжува да расте.
„Оваа година, до овој момент, имаме оформено 306 предмети, што е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, 7 од политички партии, 8 од државни институции, 3 од општини, а 2 предмета се по сопствена иницијатива на Судот.
Прегледот на статистичките податоци укажува дека годинава имаме решено 230 предмети, бројка која е приближно иста како минатата година и се издигнува над просекот во последните 5 години.
Наспроти комформизмот на претходните состави, овој состав на Судот покажа судски активизам, не чекаше некој друг да му ја заврши работата. Внесовме и применивме значајни реформи.
Судот преку својата работа покажа дека правдата не смее да чека“.
Судот, оцени тој, го положи тестот на професионално, одговорно, непристрасно и независно постапување во периоди кога биле напаѓани и етикетирани со непристојни квалификации.
„Кога се вршеа притисоци и влијанија, кога се изрекуваа лаги и манипулации, насочени кон поединци и кон целата институција. Во такви моменти, манифестиравме интегритет и кредибилитет, чувајќи ја нашата независност и самостојност во делувањето.
Нервозата кај политичарите и државните органи од постапувањето на Уставниот суд значи само едно, а тоа е дека Судот е на прав пат при постапувањето. Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со инегритет.
Упати апел со Судскиот совет: „Да постапат итно, неодложно и во најбрзо време. Да предложат кандидат за Уставен судија!
До Собранието – да постапат итно, неодложно и во најбрзо време! Да изберат уставни судии!
До политичарите –Да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и да се воздржете од лесно посегнување по етикети и поделби! Да покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото!
До државните органи – да се однесуваат дисциплинирано, да го почитуваат Уставот и да ги заштитат гарантираните права на граѓаните!
И, конечно, до сите граѓани во нашата држава– бидете спокојни, ние сме институција која ќе ги штити вашите права и која нема да прави компромиси со никого“.
Македонија
Секој петти граѓанин во земјата е сиромашен
Стапката на сиромаштијата во земјава во 2024 година изнесувала 21,9 отсто, покажуваат Лаекенските индикатори за сиромаштијата пресметани од Државниот завод за статистика, што во просек е секој петти граѓанин.
Податоците се добиени врз основа на Анкетата за приходите и условите за живеење, спроведена согласно препораките на Европската Унија, при што прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.
Во 2024 година, стапката на сиромашни лица пред социјалните трансфери изнесувала 39,4 отсто, додека по социјалните трансфери таа се намалила на 21,9 отсто. Стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери со вклучени пензии изнесувала 24,0 отсто.
Анализирано по тип на домаќинства, стапката на сиромаштија кај домаќинствата составени од двајца возрасни и две издржувани деца изнесувала 17,1 отсто, додека кај самохраните родители со издржувани деца достигнала 45,8 отсто. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката изнесувала 54,8 отсто.

Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица изнесувала 7,9 отсто, а кај пензионерите 12,0 отсто. Кај невработените лица, стапката на сиромаштија изнесувала 45,7 отсто.

Анализата по возрасни групи покажува дека 29,5 отсто од лицата на возраст од 0 до 17 години биле под ризик од сиромаштија, додека кај лицата на возраст од 18 до 64 години стапката изнесувала 20,0 отсто, а кај лицата на 65 и повеќе години — 20,1 отсто.
Во однос на нееднаквоста во распределбата на приходите, Џини-коефициентот во 2024 година изнесувал 29,1 отсто.
Фото: depositphotos

