Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС заборава дека претседател на политичка партија беше гувернер
СДС обвинува дека предлогот на претседателката Силјановска Давкова за гувернер на НБРМ бил „теснопартиски“. Забораваат дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Господинот Петар Гошев, кој, исто така, претходно бил пратеник во Собранието на Република Македонија во два собраниски состави, додаваат од партијата, остана на гувернерската позиција цели 7 години.
„Исто така, сакаме да ги потсетиме СДС дека професорот Трајко Славески своевремено во раните 1990-ти години остро го критикуваше грабежот на општествениот капитал што го изврши тогашното раководство на СДС, во полза на македонските олигарси. Со тоа стотици илјади работници останаа без работа и без средства за егзистенција. Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојуз на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило „Трудбеник“ во 1995 година го прогласи за „економист на годината““, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека професорот Славески секогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи за интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.
Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.
Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.
За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.
„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.
Македонија
Скопје меѓу најзагадените во Европа, СДСМ обвинува за погрешни приоритети на власта
СДСМ обвини дека власта нема средства за мерки против загадениот воздух, иако Скопје, како што наведуваат, е втор најзагаден град во Европа, додека истовремено се трошат милиони евра на, како што тврдат, наместени и криминални тендери.
Од опозициската партија посочуваат дека граѓаните на Скопје секојдневно се изложени на сериозни здравствени ризици поради загадениот воздух, особено децата, младите, хронично болните и повозрасните лица, но дека ова прашање не е приоритет за актуелната власт.
„Иако Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, власта тврди дека нема пари за мерки и политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Пари, според нив, има само за криминални и наместени тендери“, се вели во соопштението.
СДСМ се повикува и на наводи изнесени од Антикорупциската комисија (АКТ), според кои преку корупциски систем милиони евра од јавните средства завршувале кај фирми блиски до власта. Како пример, се наведува дека една фирма добила 161 тендер, додека друга, со само двајца вработени, инкасирала девет милиони евра за една година.
Според СДСМ, ваквите практики покажуваат дека приоритет на власта на ВМРО-ДПМНЕ не е здравјето на граѓаните, туку коруптивни зделки.
„Корупцијата навлегува во секој сегмент на општеството, а последиците се сериозни и директно влијаат врз здравјето на граѓаните“, наведуваат од партијата, додавајќи дека е неопходно да се стави крај на, како што велат, криминалот и грабежот и јавните пари да се насочат кон реалните потреби на граѓаните.

