Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС за да владее на поклон ја даде државата на ДУИ, Талат Џафери од ДУИ стана премиер поради слабата СДС
СДС за да владее на поклон и ја даде државата на ДУИ и во намерата да си ги сочуваат фотелјите плаќаат скапа цена кај нивните газди во ДУИ, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека цената ја гледаме и денес изразена во Талат Џафери премиер.
Од друга страна нивните надежи се дека ДУИ на СДС ќе и ги собира албанските партии во коалиција, и од Косово ќе се диктира овој процес за СДС да го ублажи својот дебакл. Тоа така не оди. Јасно е што правите. Едноставно е, СДС за да владее на поклон ја даде државата на ДУИ, Талат Џафери од ДУИ стана премиер поради слабата СДС, велат од опозициската партија.
Талат Џафери е човекот кој е препознатлив по кршење на Уставот, законите, Деловникот за работа на Собранието. Талат Џафери е човекот од кој не може да се очекува нешто поинаку од тоа што го правеше до сега, бидејќи во континуитет газеше по правните норми на државата. Талат Џафери е човек кој доаѓа од партија во која на сите челници устите им се полни со европски вредности, но чии постапки покажуваат само како се кршат истите. Оттука од Талат Џафери единствено може да се очекува и да се мисли дека само може полошо, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради ваквите лоши практики и политики на кои сите сведочеа седум години, може да се каже дека подобро и поинаку може да биде само по 8 мај, односно по изборите. На 8 мај граѓаните ќе стават крај на лошите политики кои ги гледаме од СДС и ДУИ, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Жалам што дел од партиите легитимираа корумпирана и изолирана власт на лидерска средба
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека разговорите со Али Ахмети биле во врска со локалната самоуправа во Гостивар.
„Со Али Ахмети, прво разговаравме во врска со локалната самоуправа во Гостивар. Таму заеднички го поддржавме кандидатот од Алијанса. Градот има сериозни проблеми, потреби имаат граѓаните соодветни, реорганизација во однос на тоа како ќе се постави градоначалникот сега откако оваа наша поддршка му донесе и на него победа“, изјави Филипче.
Филипче, потенцираше дека нема никаква коалиција и изрази жалење што дел од политичките партии со тоа што отидоа на лидерската средба, летигимираа една власт која, како што кажа, е навлезена во корупција и ја држат земјата во изолација.
„Јас кажав во неколку наврати, жалам што партиите коишто отидоа таму легитимираат за една ваква власт, навлезена длабоко во корупција, којшто ја држат земјата во изолација и на некој начин во медиумски мрак благодарение на кампањите со лажни вести коишто ги прават преку своите медиуми. Мислам дека ниту една политичка партија не треба да даде поддршка на ваква власт, затоа што со оваа власт тендерска коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија нема иднина“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ обвини дека владата спиела две години и ништо не исполниле од реформската агенда.
„Имаа можност, 12 закони требаше да се донесат во 2025 година. Се донесе само еден на крајот на годината и тоа парцијално донесен, без сите препораки од Европската Унија, што е доказ дека тие само сакаат нешто да направат, евентуална реформа, колку да се каже дека нешто се работи од временската агенда, но не вистински да се реформира, посебно овој дел, во делот на правосудството, каде што граѓаните навистина очекуваат нешто вистински, позитивно да се случи“, рече Филипче.
Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема направено ниту еден чекор за почеток на преговорите со ЕУ.
„Значи, оваа влада, освен што по пола мандат, којшто веќе е поминат од четирите години од мандатот на Владата, не направи ништо со реформите, не направи ништо ниту пак со уставните измени за да ние почнеме вистинските преговори и отворањето на кластерите и поглавјата со Европската Унија“, рече Филипче.
Притоа, тој укажа дека во новиот извештај којшто е стигнат и најавата за работата на новото кипарско претседателство не е спомната Македонија.
„Се спомнува кратењето на фондовите од Европа, поради тоа што е владата ваква каква што е. Премиерот кажува реформска агенда. Сега требаше многу работи да се случат, за жал, разоткриени се. Ние ќе поддржиме сè што треба да се поддржи за да земјата тргне напред“, нагласи Филипче.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Со закани, уцени и притисоци, Филипче и Заев сакале да ја земат болницата Жан Митрев
Со закани, уцени и притисоци, Филипче и Заев сакале да ја земат болницата Жан Митрев, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сведоштвата на др. Жан Митрев во кои директно ги обвинува Заев и Филипче дека преку својата политичка моќ и државните институции, вршеле притисок да му ја преземат болницата, ја потресоа јавноста. Но, за нас тие не се изненадување. Подолг период укажуваме дека ова криминално дуо Заев-Филипче, мора да одговара за своите постапки. Речиси секојдневно излегуваат нови сведоштва, признанија и сериозни сомнежи за начинот на кој функционирале додека ја воделе државата. Покрај златните визи во Дубаи, становите во Дубаи, висококатницата во Дубаи, акции во индиска авиокомпанија, фирми во Бугарија и Македонија, Филипче и Заев во време на КОВИД пандемијата, ја зграпчиле можноста да му ја преземат болницата Жан Митрев, од истоимениот сопственик“, вели Петрушевски.
Начинот на кој Заев и Филипче биле спремни да ја земат болницата, во ек на пандемија и вонредна состојба во државата, додава тој, е вистински мафијашки модел на дејствување.
„Според изјавите на др. Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата, а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали ова е моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија доколку повторно дојде на власт? Дали по сите сомнежи и афери што се врзуваат за неговото име, тој мисли дека се уште има кредибилитет да биде дел од политичката сцена?“, прашува Петрушевски.
Тој вели дека наместо да поднесе оставка и да ја препушти СДС на чесни и млади луѓе, Филипче ја држи фотелјата на Заев и продолжува да работи по негови насоки.
Македонија
Градоначалникот Сашко Митовски се фрли по светиот крст во водите на Крива Река
Во духот на вековната православна традиција, денес во Крива Паланка беше одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици, кога, според верувањето, се осветуваат водите и се симболизира Христовото крштевање во реката Јордан, носејќи здравје, благослов и духовна сила за верниците.
По тој повод, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се фрли по светиот крст во водите на Крива Река, испраќајќи силна порака на вера, заедништво и почит кон православните обичаи.

„Чинот претставува симбол на духовна чистота, обновување и нераскинлива врска меѓу традицијата, локалната самоуправа и народот. Во студените води на Крива Река, градоначалникот Митовски уште еднаш покажа дека вистинските вредности се чуваат и потврдуваат со дела“, соопштија од Општината.
По фрлањето на светиот крст, Општина Крива Паланка организираше заедничка празнична прослава. За присутните беа бесплатно поделени над 4.000 порции пивтија, топли пијалоци и скара на жар, а беше организирана и музичка програма. Празничниот ден беше збогатен со настапот на Ленче Кукиќ.
„Нека светите води ни донесат здравје, мир и благосостојба во секој дом“, порача градоначалникот Сашко Митовски.

