Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со новата економска мерка платите ќе се подобрат во фирмите на Заеви и Анѓушев
Помина цела година, а животот во Република Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт, велат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека граѓаните живеат сè полошо и едвај врзуваат крај со крај, а паднале во вода и сите лаги за просечна плата од 30.000 денари.
„Криминалниот картел, наместо да се посвети на создавање подобра бизнис-клима, во која компаниите ќе бидат попродуктивни и ќе може да исплаќаат поголеми плати, се посвети на полнење со пари на личните и семејните фирми. Затоа, сега одлучија да го применат нивниот добро познат метод на притисок, уцени и закани кон приватните стопанственици да ги зголемат платите, дури и да нема економска логика, односно да се предизвика дополнителна штета од ваквиот чекор“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека новата апсурдна мерка што ја предлага власта е доказ за безидејноста на неспособното економско трио и неуспехот на досегашните политики.
„Новата мерка, веројатно, ќе помогне само да се подобрат платите во фирмите на Заеви и Анѓушев. Заев и Анѓушев треба да одговорат колку работници има во нивните фирми кои земаат нето-плата до 18.000 денари, односно ги исполнуваат условите од мерката со која 30 отсто од покачувањето на платите фирмите би го покриле од државата“, велат од опозициската партија.
Според нив, СДСМ и Заев безобразно ги лажеле и манипулирале граѓаните со предизборни ветувања, а денеска сe покажува дека ништо од тоа не се реализира.
„Државата секојдневно тоне во криминал и корупција. Доказ дека на лагите им нема крај е несреќната судбина на вработените во ‘Еурокомпозит’. Најпрвин ги лажеа дека веднаш по доаѓањето на власт ќе им се исплати сè, а сега да ги молат да работат без плата 6 месеци. Криминалниот картел, кој е на чело на државата, мора да си замине, а водачите на картелот мора да одговараат пред граѓаните еден ден“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

