Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Честит 8-ми Септември-Денот кога македонскиот народ го избра патот на независноста, кој продолжуваме да го градиме со визија, развој и достоинство

ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани им го честита 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
„На овој историски ден пред 34 години, македонскиот народ ја донесе најважната одлука, самостојно и слободно да ја гради својата иднина во независна и суверена држава.
Денес оддаваме почит на храброста, единството и визијата на сите кои го трасираа патот на слободата и самостојноста.
Но, овој празник не е само потсетник на минатото, туку и обврска за иднината, да продолжиме со градење на силна и стабилна економија, со заштита на националниот идентитет и со создавање на услови младите да останат во својата татковина.
Со гордост денес го носиме македонското знаме и независноста ја градиме низ успесите што секојдневно ги постигнуваме, повисоки плати, нови работни места, инвестиции во домашната економија и подобар стандард за граѓаните.
Нека овој ден не потсети дека силата на народот е во единството, а напредокот е возможен само ако сме обединети со заеднички поглед кон иднината.
Да ја чуваме Македонија во нашите срца, во нашите дела и мисли, затоа што таа е наш дом, наш идентитет и нашата вечна татковина.
Нека ни е честит 8-ми Септември, Денот на независноста!“, се вели во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк

За време на предизборниот молк, во текот на 18.10.2025 до 07:00 часот на 19.10.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк од кои шест на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, потоа СВР Велес – три, по два настани на подрачје на СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола и еден на подрачје на СВР Струмица. По преземени мерки не се потврдени пријавите за 15 настани, извести МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето, регистриран е само еден настан“, додаваат од МВР.
Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.
Македонија
(Видео) Тошковски: На терен се над 90 отсто од силите со кои располага МВР

Денеска е ден на демократијата, денеска македонските граѓани ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни фер и демократски избори да си ги изберат своите градоначалници и советнички листи, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој извести дека само во едно место, село во општина Прилеп, гласањето започнало подоцна.
Министерот очекува мирна, демократска и фер изборна атмосфера.
„Ги повикувам сите граѓани да го остварат своето право на глас, да ги дефинираат чекорите во иднина, да можеме да искреираме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека се активирани над 90 отсто од силите со кои располага МВР и се фокусирани на спроведување на мирен изборен процес.
„Ги преземаме сите дејствија коишто треба да се преземат. На терен сме, ги контролираме оние жешки точки. Сега за сега нема никакви проблеми. Имаме констатирано четири настани кадешто има потенцијално нарушување на изборниот молк во текот на вчерашниот ден. Се постапува и се истражува. По утврдувањето на целосната фактичка состојба ќе биде известена јавноста“, извести Тошковски.