Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов ги намали субвенциите за купување велосипед, што беше проект на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ и Петре Шилегов 5 месеци не направија ништо за граѓаните на Скопје. Власта нема идеи и не знае да работи. По 5 месеци неработа, на Шилегов му текна да ги копира проектите на ВМРО-ДПМНЕ и да ги претставува како свои, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Шилегов оваа година ги намали субвенциите за велосипедите и од минатогодишните 4.000 денари за велосипед, оваа година предвиде 3.000 денари за велосипед. Граѓаните не се со кратко паметење и знаат кој што направил.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа овој проект затоа што се работи за проект кој е од интерес на граѓаните. Истиот е дел од проектот „Скопје велоград“, кој го реализираше минатиот градоначалник Трајановски, со кој беа направени две велосипедски патеки, едната од Гази Баба до Сити мол, другата од Аеродром до Ѓорче Петров, како и ролерско-велосипедска патека од двете страни на кејот на реката Вардар.
Граѓаните видоа дека 5 месеци откако Шилегов го управува градот Скопје нема нови проекти и инвестиции. Власта невешто ги копира и проектите на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа власт не работи. Оваа власт е пример за неработа, додаваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

