Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов и Богдановиќ промовираат жардиниери наместо булевари
Градоначалниците на Скопје и Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, денеска промовираа жардиниери наместо булевари и капитални проекти, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„На само 200 метри од местото каде што промовираа жардиниери и трева, се наоѓа објектот дивиградба, кој никој не смее да го спомне. Но, и местото каде што требаше да има нова раскрсница на повеќе нивоа. На само 500 метри од местото на кое денес беше Шилегов е тврдината Кале, каде што требаше да има тунел, а кој го нема“, велат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, срамота е на крајот на мандат Шилегов да нема ниту еден капитален проект од значење за градот и да се фали дека работниците на „Улици и патишта“ или „Паркови и зеленило“ поставиле жардиниери или засадиле трева, што им е секојдневна работа.
Градоначалниците Шилегов и Богдановиќ денеска беа на настан на кој го промовираа новиот дрворед на булеварот Гоце Делчев кај МРТ.
Од Град Скопје соопштија дека со засадувањето дрворед од 58 висококвалитетни садници градоначалниците и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча, симболично ја почнале пролетната сезона на садење за оваа година.

„Знаете дека во изминатиот период сериозно работевме на подобрување на квалитетот на зеленилото во градот, само овој период имаме засадено околу 18 илјади високостеблести дрвја. Во изминатите три години обновивме над 260 квадратни метри зеленило и минатата година го срушивме рекордот со изградба на над 100.000 квадратни метри нови и обновени зелени површини. Во исто време паралелно на повеќе локации во нашиот град се врши обновување на постојното зеленило, а се формира зеленило и на новите четири булевари“, рече Шилегов.
Тој додаде дека Скопје чекор по чекор се претвора во зелена престолнина каква што скопјани заслужуваат, односно со високи европски стандарди на уредување на зеленилото, кое е под ингеренции на Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

