Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе формира една пратеничка група, ќе ja координира Никола Мицевски

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Македонија ќе има една пратеничка група, наместо досегашните десет. Ваква одлука е донесена на синоќешната седница на Извршниот комитет на партијата. Нов координатор на пратеничката група да биде пратеникот Никола Мицевски од Штип, кој доаѓа на местото на Драган Данев.
Местото координатор на пратеничка група остана празно откако Драган Данев пред неколку дена најави дека се повлекува од функцијата. Данев ја извршуваше функцијата неполна година, а неговото повлекување следи по низата исклучувања, разрешувања и оставки од партиските функции поради несогласувања со раководството.
За формирањето на единствена пратеничка група, според собранискиот деловник, ВМРО-ДПМНЕ треба да го извести претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Повеќе детали се најавени за денеска.
Вчера претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржаловски, и уште неколкумина лченови на подмладокот на партијата дадоа неотповикливи оставки од функцијата. Претходно, оставка поднесе претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, како и потпретседателката и генералната секретарка на Унијата, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Реновирана Клиниката за урологија, воведени две нови хируршки методи, во фаза на реновирање е Центарот за трансплантација

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес ја посетија Клиниката за урологија, по повод извршена реконструкција на оваа установа.
– Продолжуваме со уште една клиника, тука сме денеска на Клиниката за урологија, која инфраструктурно изгледа според сите европски стандарди. Исто така, од техничка гледна точка инфраструктурата, технологиите и методологиите се во склад со потребите на пациентите и со европските протоколи. Чекор по чекор, здравството е се поблиску до секој граѓанин. Чекор по чекор здравството станува европско и се надевам дека за кратко време ќе презентираме и други клиники, и друга инфраструктура. Овде, покрај нова инфраструктура, веќе се вработени 20 стручни лица кои ќе бидат дел од клиниката, посочи министерот Алиу при посетата.
Директорот на Клиниката за урологија, д-р Башким Шабани истакна дека станува збор за инвестиција во вредност околу 300 илјади евра наменета за реновирање на клиниката.
-Воведовме и две нови хируршки методи, со што ние практично нема да имаме потреба да праќаме пациенти за лекување во странство.
Сега сме во фаза на реновирање на Центарот за трансплантација, како и на Центарот за калкулоза за третман на уринарни камења, заклучи д-р Шабани.
Македонија
Сузбиени 14 организирани криминални групи во кои учествувале 201 лице во период од една година, извести МВР

Справувањето со илегалната миграција е еден од врвните предизвици и приоритети во работата на Министерството за внатрешни работи, за што говори и статистиката на преземени дејствија и резултати во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година, велат од МВР.
„Во овој период сузбиени се 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 физички лица и 18 правни лица. Откриени се 64 случаи на криумчарење мигранти, на околу 430 лица. Спречени се 6.000 обиди за илегално транзитирање, што претставува намалување за речиси 50% во однос на претходниот период.
Во соработка со Европската агенција ФРОНТЕКС, Министерството за внатрешни работи спроведува континуирани операции за контрола на границите и справување со безбедносните ризици. Покрај миграцијата, откриени се и случаи поврзани со фалсификување пари, тероризам, проституција, висока корупција (во вредност од над 16 милијарди денари), недозволена трговија со дрога, како и нови случаи на криумчарење мигранти поврзани со меѓународни криминални мрежи.
Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба против илегалната миграција и организираниот криминал, како еден од стратешките приоритети за заштита на безбедноста и правниот поредок. Преку силната меѓународна соработка и решителните домашни акции МВР испраќа јасна порака дека за криминалот нема простор во нашето општество!“, се наведува во соопштението на МВР.
Македонија
(Видео) СДСМ: Нов скандал во Националната агенција „Еразмус“, Ана Михајлов, осомничена од ОЛАФ, назначена за в.д. директорка?

„Денеска објавуваме нов скандал на власта. Како пред очите на целата јавност, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски повторно ја враќа вмровската партиска мафија во Националната агенција за европски образовни програми? Која патем управува со милионски фондови од Европската унија преку Еразмус +. Пред десетина дена, поточно на 1 август, на местото в.д. директор на Агенцијата, без транспарентност и без консултација со Европската унија, е назначена Ана Михајлов“, рече Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.
„Клучното прашање е што се крие зад назначувањето на Ана Михајлов на чело на Агенцијата која во минатото беше во самиот центар на најголемиот скандал во оваа институција?
Огласот беше поништен а причините за поништувањето останаа мистерија.
Ниту начинот ниту времето на назначувањето воопшто не е случајно.
Сега започнуваат локалните избори и најважно завршува истрагата за предметите што ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, ги достави до македонското обвинителство.
Токму во овие документи, според нашите информации од свиркачи осомничена е новата директорка, Ана Михајлов.
Ова е официјалниот извештај на ОЛАФ од 2023 година, каде јасно е наведено дека постои основано сомневање за злоупотреба на над 2 милиони евра во периодот на претходната влада на режимот на Груески, за период кој започнува во 2016 година.
Како што е наведено, идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ, сите дел од вмровската шема. Преку вмровските внатрешни кадри, вработени во агенцијата, протекувале информации за апликанти и евалуатори.
Надворешна фирма управувала со проекти на над 15 училишта, што претставува флагрантно кршење на грант-договорите.
ЈО се уште нема процесуирано обвинителен акт по овој целосно документиран предмет доставен на јавното обвинителство во 2023 г одина и повторно актуелизиран во 2024 година.
Од свиркачи внатре во Агенцијата СДСМ дознава дека власта прави силен притисок да се спречи истрагата на Јавното обвинителство.
Дали затоа што води токму до Ана Михајлов и нејзините најблиски фамилијарни и пријателски ангажирани евалуатори од ВМРО-ДПМНЕ?
Прашуваме:
Дали ова е причината да биде поништен претходниот конкурс за директор?
По кој критериум е назначена токму Ана Михајлов и зошто токму сега?
Дали зад назначувањето на Михајлов се крие вистинската намера на власта да ја блокира истрагата на ОЈО и ОЛАФ?
Ова е враќање на вморвската мафија во Агенцијата и јавноста очекува одговори.
СДСМ ќе ја продолжи оваа тема и ќе ја информира јавноста за сите детали и информации со кои располагаме за овој скандал“, изјави Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.