Македонија
Водата во Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи, велат од Водовод

Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација Скопје на ден 22.12.2024 година изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување на 21.12.2024 година поради изведување на активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа.
„Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.
Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.
Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот дел од корисниците од село Кучково кон Манастир, општина Ѓорче Петров;
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот дел од корисниците на улицата Гаврил Констатиновиќ (околу бр.57), општина Аеродром;
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот корисниците од улицата Алексо Демниевски 17, 11 и други куќи во близина, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне нестабилно со пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд.
Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.