Македонија
„Водовод“: Дефектот е саниран, граѓаните ќе добијат вода до полноќ
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја известува јавноста дека дефектот на булеварот Кочо Рацин, спроти Олимпискиот базен, за чие отстранување се затвори цевка од ф 1.400 мм, е саниран и граѓаните ќе добијат нормализирано водоснабдување до полноќ.
Од Јавното претпријатие велат дека нивните екипи непрекинато работеле на дефектот и во рекордно време го отстраниле.
„Ваквите дефекти се навистина многу ретки, а кога ќе се случат, неминовно е повеќето од граѓаните да имаат прекинато водоснабдување. Во овој случај за отстранување на дефектот беше потребно да се затвори цевка со дијаметар ф 1.400 мм, а со тоа и повеќе населби останаа без вода. Екипите работеа непрекинато со целиот капацитет и сите расположливи ресурси и за многу кус временски период го отстранија дефектот. Имајќи го предвид фактот дека станува збор за голема цевка, која е под силен притисок, водата ќе се пушта постепено и до полноќ се очекува водоснабдувањето да биде нормализирано во сите делови и кај сите корисници. Упатувам голема благодарност до тимот на ЈП ‘Водовод и канализација’ и до сите граѓани што имаа трпение и разбирање за оваа ситуација“, посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, Скопје.
Дефектот ги опфати населбите Центар, Аеродром, Кисела Вода, Лисиче, Ново Лисиче, Припор, Сопиште, Ракотинци, Добри Дол, Драчево, Пинтија, Моране и Студеничани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје: Неплатените даночни обврски надминуваат 36 милиони евра, граѓаните повикани да ги подмират долговите
Град Скопје соопшти дека неплатените обврски по основ на данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса-фирмарина за периодот од 2020 до 2025 година надминуваат 36 милиони евра, според евиденцијата на Секторот за даноци на имот и комунални такси.
Даноците на имот и комуналните такси се значајни приходи за функционирањето на Градот, со кои се финансираат основни градски услуги, инфраструктурни проекти, трошоци на јавните претпријатија и јавните установи, како и работата на средните училишта.
Од Град Скопје ги повикуваат сите даночни и таксени обврзници – правни и физички лица – што немаат платено данок на имот, промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина, своите обврски да ги подмират во најкраток можен рок.
Граѓаните и компаниите можат да извршат увид во своите долгови, да ги преземат решенијата и електронски да ги платат обврските преку платформата: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml
Градот објави и контакт информации за повеќе категории даноци:
Данок на имот: 072/204-434, 02/3207-546, e-mail: [email protected]
; [email protected]
Данок на промет, наследство и подарок: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: [email protected]
Комунална такса-фирмарина: 02/3297-314, e-mail: [email protected]
Даночно сметководство: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: [email protected]
Даночниот долг може да го платите и преку Даночните шалтери на Град Скопје, секој работен ден од 8 до 19 часот, како и во сабота на 13 декември.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе го одликува американскиот генерал-мајор Грегори Најт со Орден за воени заслуги
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, денеска – 9 декември 2025 година, вторник, ќе го прими американскиот командант на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и на свечена церемонија ќе го одликува со Орден за воени заслуги.
Генерал-мајор Најт се одликува со Орден за воени заслуги за неговиот особен придонес во продлабочувањето на македонско-американското пријателство и воената соработка што резултираше со бројни активности за зајакнување на капацитетите и за зголемување на борбената готовност на македонската армија.
Македонија
Земјотрес почувствуван во регионот на Кичево
Земјотрес со магнитуда од два степени според Рихтеровата скала бил регистриран ноќта во 01:23 часот во Македонија, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според податоците,земјотресот бил регистриран на 15 километри југoјугозападно од Кичево, 73 километри североисточно од Елбасан, Албанија.
Епицентарот се наоѓал на длабочина од 15 километри.

