Македонија
Волонтери тврдат дека Арсовска ги брка од плоштадот, Град Скопје негира
Инспектор од Град Скопје наредил до утре да се тргнат донациите собрани за Турција и Сирија од скопскиот плоштад, а пунктот го нарекол „депонија“. Ова е сведоштвото на волонтерка која изминатите денови со десетици други млади лица помага за граѓаните на двете погодени земји од земјотресите. Христина Панова бара градоначалничката Данела Арсовска да каже зошто им смета пунктот за донации. „Макфакс“ доцна вечерва упати и прашања на градската служба за ПР, а оттаму негираат дека инспектор бркал волонтери.
„За жал, денеска на пункт се појави инспектор од градот испратен од генералниот секретар и градоначалничката нарекувајќи го собирањето донации на плоштадот ‘депонија’ и со наредба сето ова да се собере и исчисти плоштадот до утре сабајле. Зарем ова е хуманоста и солидарноста на Град Скопје? Барам итно градоначалничката Арсовска да се произнесе по овој настан и да даде одговор што им смета пунктот за донации на плоштад и итно да обезбеди сала каде волонтерите ќе можат да ги собираат и спремаат донациите од Скопје во нормални хумани услови (знаејќи дека надвор е ладно). Никој не е будала бидејќи така му текнало и бидејќи нема што да прави – па ај ќе одиме ќе си играме на плоштад, ќе собираме работи на минусни температури“, посочува волонтерката.
Градот треба да биде благодарен на овие млади деца што ја покажуваат солидарноста и добрината на скопјани, посочува Панова.
„Градот наш што нели пак ќе никнеше… Градот на солидарноста, градот на хуманоста, денеска на плоштад ‘Македонија’ прати инспекција да ги брка младите волонтери коишто неколку дена по ред деноноќно се отворени и достапни за граѓаните и собираат донации за настраданите семејства во земјотресите во Турција. Како што сите знаеме, уште од првиот ден кога нѐ потресе страшната вест за разорниот земјотрес во Турција, во којшто животот го загубија 22 327 лица заклучно со овој момент и над 80 000 повредени.. илјадници и илјадници семејства останаа без кров над глава, без топла облека да се пресоблечат нели, без храна, без сѐ она за што работеле и вложувале изминатите години од својот живот, група млади студенти од Турција кај нас излегоа и отворија пункт за донации. Тоа се млади деца полни со надеж, полни со енергија и љубов и изминатите денови 24 часа на ден се на пунктот и селектираат и пакуваат донации пристигнати од нашите граѓани. Јас сум една од многуте што се приклучи на оваа иницијатива, а ги има десетици коишто секој ден ги гледам таму (Македонци, Албанци, Турци, Роми)“, додава таа.
Волонтерите добиваат и благодарности од Турција за помошта која ја пружаат и за ангажманот за собирање донации.
„Сакам да знаете дека сѐ она што беше направено до сега луѓето го гледаат, го препознаваат и изразуваат почит и благодарност за добриот чин на секој еден кој подаде рака на нашите пријатели од Турција“, посочува волонтерката.
„Макфакс“ упати прашања и до Град Скопје за тоа дали ги бркале волонтерите и дали барале дислокација на пунктот. Оттаму, немаше одговор на конкретните прашања, туку испратија став до сите медиуми во кој негираат дека инспектор бркал волонтери
„Со индигнација ги демантираме гнасните лаги дека наводен инспектор во градот Скопје ‘ги бркал’ луѓето кои собираат хуманитарна помош! Волонтери на градот Скопје се активни учесници на штандот на плоштадот ‘Македонија’ каде секојдневно се собираат потребните средства за хигиена, облека, храна и останати потреби за настраданите во Турција и Сирија. Срамно, на граница со мизерност и политички очај е ставањето на меѓународна хуманитарна катастрофа во дневнополитички теми. Просто неверојатно е со каква леснотија се лаже за вакви чувствителни теми. Но, срамот не е на градот, туку на поединци кои ги креираат и шират овие лаги!“, пишува во соопштението на Град Скопје.
Во претходните денови, екипа на „Макфакс“ го посети пунктот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

