Македонија
Вооружена престрелка во близина на трговскиот центар „Лептокарија“

Истрели од огнено оружје ги вознемириja вечерва жителите на скопската населба Карпош 3.
Вооружен инцидент се случил на булеварот Партизански одреди, во непосредна близина на трговскиот центар „Лептокарија“.
Неофицијално, нешто по 18 часот било пукано од едно возило кон друго. Според првичните информации, досега нема пријавени повредени лица, а нема ниту траги од крв на местото.
Во моментов полициски екипи се на терен и вршат увид, а сообраќајот на тој дел од булеварот се одвива отежнато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истепал и влечел девојче по улица, кога дошла полицијата се заканил дека ќе ги нападне со секира и тесла: предложен притвор за 23-годишен велешанец

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка и предложи определување мерка притвор за едно лице осомничено за кривично дело – Насилство врз дете од член 201-а и шест кривични дела – Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Постои основано сомнение дека на 13 јуни 23-годишниот велешанец извршил физичко насилство врз девојче родено 2016 година, така што најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја тој започнал да ја влече по улицата. Кога родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на лице место, но осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете. Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници испукале два предупредувачки куршуми во воздух. Осомничениот се дал во бегство и бил недостапен два дена.
По неговото приведување во полициска станица, осомничениот продолжил да им се заканува на полицајците, поради што обвинителот оцени дека постои реална опасност тој да ги доврши кривичните дела доколку биде пуштен да се брани од слобода. Исто така, јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор и поради опасност од бегство.
Македонија
(Видео) Ако Обвинителството не отвори постапка за Филипче за луксузниот џип, ќе докаже дека работи под негов диктат, вели Мицевски

„Ако ЈО не отвори постапка за Филипче за луксузниот џип, ќе докаже дека работи под негов диктат. Филипче добил луксузен џип од 130.000 евра од фирма добитник на тендери во време на СДС и ЈО молчи и не отвора случај“, кажа Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Односот на ЈО кон Филипче е зачудувачки. Зошто ЈО молчи? Дали ЈО не смее да постапува затоа што Филипче е претседател на партијата која ги избра скоро сите обвинители?
Истото тоа ЈО отвори постапка за Пеце Мирчевски, за ист таков случај, но Мирчевски е само обичен директор од СДС и кај нив нормално е некој да оди жртва за Венко.
ЈО и да отвори и да не отвори постапка за Венко Филипче, тој веќе нема легитимитет, народот јасно гледа дека тој е заштитен и тоа уште повеќе ќе го казни на избори.
Ниту Филипче, ниту било кој во СДС не смее да го манипулира народот“, изјави Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски во Будимпешта: Нашиот јазик, идентитетот и културно-историскиот континуитет не може да бидат предмет на преговори

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, која се одржува во главниот град на Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.
Во своето воведно обраќање на конференцијата, министерот Муцунски ја нагласи потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакна дека посилна и покоординирана Европска унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оцени како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската унија. Тој подвлече дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за зголемување на конкурентноста и иновативноста на Унијата.
„Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност,“ истакна министерот Муцунски.
Во своето излагање тој подвлече дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но нагласи дека постојат линии што нема да бидат преминати — затоа што тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.
„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење,“ рече Муцунски.
Тој додаде дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи.