Македонија
Во болницата во Козле сместени 20 пациенти, двајца се на кислородна поддршка
Министерот за здравство, Венко Филипче, го посети Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле кој од неодамна е пренаменет за згрижување и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19, како поддршка на двата главни центри во Скопје, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 Септември“.
Филипче изјави дека болницата во Козле е установа со огромна експертиза на лекари и медицински сестри во третманот со болни од белодробни заболувања. Дополнет е кадарот со експерти, специјалисти по интерна медицина, пред сè од клиничкиот центар во рамките на системот на ротација.
„Дваесетина пациенти се хоспитализирани, вкупниот капацитет на болницата е шеесетина кревети со централен довод на кислород, што е многу важно за третманот на овие пациенти. Сакам да им честитам и на менаџерскиот тим, но и на лекарите и сестрите коишто за многу брзо време се престроија и навистина посветено и пожртвувано работат со овие пациенти. Ќе продолжи планирањето, практично секојдневно, но и средно и долгорочно на капацитетите за третман на овие пациенти. Во следниот период предвидени се и други капацитети. Засега нема зголемување на притисокот кон јавно-здравствените установи во однос на тоа што беше тренд минатата недела. Модуларната болница кај инфективната клиника е целосно испразнета. Во овој момент таму се поставува централен довод на кислород, капацитетот на клиниката не е целосно пополнет, има неколку слободни кревети, но со секојдневна координација и разговор се прави прераспределба по потреба согласно капацитетите и согласно кадарот којшто ротира во сите установи каде се третираат овие пациенти во болниците ширум државата, освен во Битола каде што има неколку 4-5 слободни места, во другите инфективни одделенија капацитетите се практично полупразни“, потенцираше министерот Филипче.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања – Козле, Ангелчо Андоновски, изјави дека во моментов во установата има 20 пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Пациентите се на возраст од 41 до 85 годишна возраст, a има и две позитивни деца.
„На кислородна поддршка има двајца возрасни пациенти. Децата се во добра здравствена состојба и во секој момент се очекуваат последните резултати за да бидат испишани“, рече д-р Андоновски. Тој истакна дека функционираат со помош на тимови од инфективната клиника кои ротираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

