Македонија
Во Гостивар комеморативна седница за загинатите во несреќата

Советот на Општина Гостивар во 12 часот ќе одржи комеморативна седница за загинатите во трагичната несреќа. На комеморативната седница ќе присуствува и премиерот Зоран Заев, кој претходно во 10.30 часот ќе ги посети повредените граѓани во стравотната сообраќајна несреќа што се случи во близина на село Ласкарци, а кои се сместени во болницата „8 Септември“.
Потоа Заев ќе се упати кон Гостивар, каде што во 12 часот ќе присуствува и ќе се обрати на комеморативната седница во чест на загинатите граѓани во сообраќајната несреќа, која ќе се одржи во Општина Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека до 15 минути за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот е зголемен, особено надвор од градските средини, поради летните одмори.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува околу 10 до 15 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјата.
Во меѓувреме, поради пожар во Националниот парк „Јасен“, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Попладне дожд и грмежи во западните делови

Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладневните часови носат локален пороен дожд и ретки грмежи, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 25 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали. Северниот ветер ќе дува умерено, а повремено и засилено. Температурата ќе се движи од утрински 17 до максимални 31 степен.
Според прогнозите, во недела ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието ќе биде засилен, што ќе предизвика намалување на дневните температури. Од почетокот на следната недела пак, се очекува стабилизирање на временските услови и благ пораст на дневните температури.
Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.