Македонија
Во ек на сезона на пневмонии и грипови, нема рентген на државно – матичен лекар ја критикува состојбата на клиниките

Матичен лекар укажа на проблеми со упатите на клиниките во Скопје, додека амбулантите се преполни со пациенти болни од грип.
Д-р Драган Ѓоргиевски вели дека кога пациентот е со влошена клиничка слика потребен е ртг наод, но на клиниките апаратите за рентген не им работат, или пак ги блокирале итните упати поради гужвите.
„Почнувам со најблиската поликлиника: Јане Сандански (ртг апаратот не работел), Клиника за радиологија ги блокирала итните упати, инаку пнеумонии и плеврални изливи се итни состојби. ГОБ 8.Септември исто. Ги проверив сите поликлиники: Букурешт, Чаир, Бит Пазар, и итен упат не дозволува. Единствено даде во Ѓорче Петров и гледај чудо таму не работеле со итни упати имале гужва. Епа и матичните имаат гужва. Јас денес 90 луѓе во една смена прегледав и никој не ме прашал дали сум имал гужва. Епа нека ми објасни некој каде во Скопје на државно да се направи ртг наод“, прашува докторот во објава на социјалните мрежи.
Како што додава, во сезона на грип и пневмонии не е коректно сите поликлиники да бидат блокирани. Ни останува, вели тој, сите со наоди да ги пратиме на Инфективна, додека и тие не ги блокираат упатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.