Македонија
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се примени 30 нови пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 30 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 452 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 13 приеми, во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 10 нови приеми на пациенти, а седум болни биле примени на Инфективната клиника.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 32 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 38 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, а на Клиниката за очни болести 17 пациенти. Во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 27 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 107 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 150 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 28 пациенти, од кои 7 деца и 21 возрасен.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’“, соопшти МЗ.
Од таму велат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Временска најава: Од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60км/ч.), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Утре без вода делови од Центар
Дел од корисниците на општина Центар утре ќе останат без вода.
„Поради промена на шибер во шахта на ул.Тасино Чешмиче бб (Градинка Кочо Рацин), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.Тасино Чешмиче од 09:00 часот до завршување (општина Центар) и поради уличен дефект ф 200 мм на Бул.Партизански Одреди спроти Соборен Храм (Паркинг ЈАТ), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од ул.Максим Горки до Бул.Партизански Одреди и дел од Бул.Партизански Одреди од 09:00 часот до завршување“, соопшти Центарот за управување со кризи.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.

