Македонија
Во Карпош одбележани 79 години од формирањето на Првиот партизански одред
Општина Карпош во придружба со Сојузот на борци, ја одбележаа 79. годишнината од формирањето на Првиот скопски партизански одред (првата партизанска единица на НОБ во Македонија), пред спомен – обележјето во Карпош 3.
Делегација предводена од градоначалникот Стефан Богоев и советниците од општина Карпош, Филип Даскаловски и Емилија Ризеска – Спасова, оддаде почит со положување на свежо цвеќе. Исто така, пред ова спомен – обележје положија цвеќе и претставници од Сојузот на борци, Град Скопје и политички партии.
Оваа година, како резултат на Ковид-19 пандемијата, настанот се одбележа со присуство на помалку лица и со почитување на мерките за заштита.
Пред присутните се обрати градоначалникот Богоев, кој ја потенцираше важноста на Народно ослободителната борба (НОБ), во контекст на времето во кое живееме денеска:
– Борците ни оставија аманет, секогаш да се бориме за слобода и подобра перспектива. Како нова генерација покажуваме дека можеме да работиме на зацврстување на безбедноста на државава. Членството во НАТО е гаранција, а отворањето на преговорите со ЕУ – влог во подобра иднина за сите нас, но и за нашите деца, внуци и идни поколенија, додаде Богоев.
Пред спомен обележјето се обрати и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Таа посочи дека дел од имињата на членовите од Првиот скопски партизански одред се меѓу предлозите за имиња на нови улици во главниот град. На овој начин, трајно ќе им се заблагодариме на оние кои се бореле против окупаторот, предводени од идеалите за слободна и самостојна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

