Македонија
Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 44 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 44 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 441 лице сомнително и потврдено за Ковид-19 се лекува на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 6 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за нефрологија, на Клиниката за неврологија и на ТБЦ и тројца на Клиниката за дерматологија.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 26 болни.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 42 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 28 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 30 пациент со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 23 пациенти, на Клиниката за очни болести 11 пациенти, а на ОРЛ 20 болен. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 20 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 94 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 142 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 43 пациенти.
Вкупно 441 пациент потврден и сомнителен за КОВИД- 19 се лекува на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 76 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ го прифати предлогот на Филипче, Александар Трајановски нов потпретседател
Вчера на Извршниот одбор, секако, беше прифатен, поддржан предлогот на претседателот Венко Филипче за потпретседател на партијата да биде реномираниот доктор Трајановски, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да се грижи за ова што го зборувавме денеска, и ВМРО-ДПМНЕ треба да им даде одговорите на граѓаните за сите оние скандали коишто ги објавивме досега и допрва ќе ги објавуваме. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислува за реформите и во нивната партија и во Владата, треба да размислуваат за потребите на граѓаните коишто ги ветија, а не ги испорачуваат, наместо да се занимаваат со СДСМ“, рече Кузеска.
Сите оние информации коишто се „штанцаат“ од Белата палата, додаде таа, се токму тоа — дефокусирање на јавноста за тоа што го работи, односно не го работи Владата, и од сите скандали коишто се досега објавени.
Македонија
(Видео) Кузеска: Итно да се објави целиот извештај за непотребните операции на срце
Се соочуваме со еден од најголемите скандали во здравството во историјата на државата. Министерот за здравство јавно соопшти дека се утврдени најмалку 10 случаи на непотребни кардиоваскуларни операции во приватни клиники. Ова е скандал без преседан за кој мора да има целосна одговорност, но начинот на првичната презентација на извештајот е скандалозен, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Имено, како е можно министерот Алиу да каже дека комисијата утврдила, повторувам „утврдила“ дека операциите биле непотребни, а истовремено да вели дека истиот тој извештај не е финален? Да вели дека затоа не ги објавува имињата на лекарите и клиниките кои стојат зад тоа. Прашуваме, кои податоци се чуваат за „финалната фаза“? Дали нешто ќе се менува, што се договара и што се преговара во тој период додека јавноста чека да се финализира извештајот? Ова е крајно несериозно и јасен сигнал дека финалните наоди може да бидат различни. Ваквото однесување сигнализира прикривање или амнестирање на одредени клиники и лекари. Прашањето е: кого штити министерот?“, рече Кузеска.
Според неа, ако има утврдено факти – тие мора да бидат јавно објавени, ако има одговорни – тие мора да се именуваат.
„Алиу нема право да остави ниту една дамка, ниту една сенка дека се штити нечии интереси. Ниту дека некој оди на преговори кај него и Владата наместо да сноси одговорност“, рече Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ бара веднаш да се објави извештајот – целосно, транспарентно и без криење, во фазата во која се наоѓа.
„Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме: итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки, објавување на клиниките вклучени во процесот, објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, консилиуми, лекари, управители. Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање. Обезбедување правна и психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства“, рече Кузеска.
Македонија
Гаши за барањата за датумот на одржување на изборите: Собранието постапува само врз основа на рокови
Во врска со сите барања и прашања што се однесуваат на одредувањето на датумот за изборите за градоначалник во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуша и Центар Жупа, претседателот на Собранието постапува само врз основа на роковите и процедурите утврдени во Изборниот законик. Затоа датумот на изборите ќе биде објавен во горенаведениот законски рок и јавноста ќе биде известена во наредните денови, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Процесот на распишување на изборите не е воден од индивидуални преференции или предлози, туку од два фундаментални принципа: задолжителното почитување на законските рокови од Изборниот законик, вклучувајќи ги и новите одредби од член 132-а, донесени во март 2024 година, и процената и подготвеноста на Државната изборна комисија како надлежна институција за организирање и спроведување на изборниот процес“, се наведува во соопштението.
Во овој контекст, пишува во соопштението, претседателот на Собранието веќе одржа два работни состанока со претставници на ДИК, со кои беа разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во овие општини.
„Собранието останува посветено на транспарентен и уреден процес, кој е во целосна согласност со законот“, се наведува во соопштението.
Вчера, Алијансата за Албанците упати апел до Гаши да ги закаже изборите пред Нова година.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, реагира по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК) нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторените избори во четири општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите.
Според него, од овој датум почнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.

