Македонија
Во ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 52 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 345 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 32 приеми и тоа по двајца пациенти биле хоспитализиран на Клиниката за Очни болести и на Клиниката за Гастроентерохепатологија. На Клиниката за Неврологија биле примени 6 пациенти . Петмина болни се примени на ТБЦ, четворица на Клиниката за Дерматологија и 8 на Нефрологија. Петмина болни биле хоспитализирани на ОРЛ.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 10 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 8 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 26 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекува 21 пациент, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 26 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 22 пациенти, на Клиниката за очни болести 5 пациенти, а на ОРЛ 15 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 19 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 102 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 94 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 17 пациенти. Вкупно 345 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови е намален и утрово до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по повторените локални избори: Народот ја казни неконструктивноста на СДСМ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повторените локални избори во државата завршиле со, како што наведуваат, уште еден дебакл и пораз за таканаречениот „клан Дубаи“.
Според соопштението, со победата на Онер Јакупоски во општина Маврово и Ростуше со повеќе од двојна разлика во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоила вкупно 56 општини, додека СДС останала на, како што се наведува, минимални шест општини.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие локални избори ја извадиле на површина „болна вистина“ за опозициската СДСМ предводена од Венко Филипче, наведувајќи дека тој, како лидер на партијата, загубил сè што можело да се загуби и дека СДСМ е сведена на четврта политичка сила на политичката сцена во Македонија.
Во соопштението се наведува дека, според ВМРО-ДПМНЕ, неконструктивниот пристап на опозициската партија бил жестоко осуден и казнет од граѓаните, кои бараат работа и резултати, а не инает и пропаганда за ситни политички поени.
Партијата оценува дека станува збор за пораз на политика која, според нив, со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкција, и ја држела државата во застој.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ мора да се соочи со своето коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови, наведувајќи дека без такво расчистување партијата нема да има кредибилитет, доверба ниту иднина.
Македонија
Водата се повлекува во повеќе региони, дел од патиштата затворени поради поплави, одрони и снег
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи, состојбата на терен е стабилизирана во дел од регионите, а водата постепено се повлекува од поплавените подрачја. Информацијата се однесува на состојбата до 8 часот.
Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од површините каде што претходно имало излевање. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Излевање сè уште има на реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен се поплавени земјоделски површини, а во текот на денот интервенирано е со градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање, но сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во селото Калишта има поплавени дворови и подруми, при што се преземаат дополнителни мерки за санација. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, а патните правци се проодни со појава на помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга.
Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови и дезинфекција, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, интервенирано е со механизација на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот регион, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман во општина Ранковце е непрооден поради снежни наноси, а во тек е негово расчистување.
Во Полошкиот регион, на патот Тетово – село Бањиче била падната голема карпа, по што сообраќајот е нормализиран, додека на патот кон Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.

