Македонија
Во ковид-центрите во Скопје се лекуваат 438 пациенти, голем дел од нив е на кислородна поддршка
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 41 нов пациент поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
„Вкупно 438 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 17 приеми, и тоа осум пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, пет пациенти се примени на Клиниката за нефрологија и еден болен на Клиниката за дерматовенерологија. Во ковид-центарот во ГОБ ‘8 Септември’ имало 10 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 14 лица“, се наведува во соопштението.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти.
Во моментот во ковид-центарот на Кожната клиника се лекуваат 23 пациенти, на Клиниката за неврологија – 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симптоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 25 лица, а во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 25 пациенти. Во „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, а во Иститутот за белодробни заболувања кај деца во Козле има 37 пациенти, од кои 10 деца и 27 возрасни.
Вкупно 438 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, а како што информираат здравствените власти, голем дел од нив е на кислородна поддршка.
„И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 15-ина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’. Во текот на утрешниот ден ќе се отвори за прием и ковид-центарот на Клиниката за очни болести со капацитет од 33 кревети. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород“, стои во соопштението на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На гласачките ливчиња ќе останат имињата на кандидатите од Могила и Македонски Брод кои се повлекоа пред вториот круг
Независните кандидати од Могила и Македонски Брод, Сашо Пивковски и Милосим Војнески се повлекоа од изборната трка, но нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња во вториот изборен круг на 2 ноември.
ДИК појаснува дека законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи, што нема да го сопре гласањето.
Пивковски вчера ја образложи одлуката на социјалните мрежи, кадешто напиша дека ја донел по внимателно размислување и бројни разговори во интерес на заедништвото, наместо поделбите.
„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член, секогаш сум се водел од идејата за чест, за работа и за почит кон луѓето. Така било и ќе остане“, напиша тој.
Од лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ, како негова матична партија, еден ден претходно и Војнески се откажа од кандидатирата во Македонски Брод.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.
Пивковски во вториот круг требаше да се соочи со Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу нив во првиот круг од локалните избори беше 409 гласа во корист на Саботковски. Во Македонски брод, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески водеше за 834 гласа пред независниот Војнески кој ја напушти изборната трка.
Македонија
Ивановска не повика за кого да се гласа во вториот круг во Центар: „Секој гласач има здрав разум и одговорност“
Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која ја заврши трката во првиот изборен круг третопласирана, со освоени 4.465 гласа, не ги упати нејзините поддржувачи кого да поддржат во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас.
„Кој и да победи, важно е да носи одлуки во полза на сите и да го заштитува јавниот интерес и правото на здрава животна средина,“ рече Ивановска на прес-конференција со советниците од платформата „Независни заедно“.
Таа истакна дека охрабрува фактот што во Центар постои критична маса граѓани кои не размислуваат партиски, туку преземаат одговорност за промени. Ивановска побара ревизија на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба преку мапа што доброволно ја изработила граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Рече и дека нивните советници ќе делуваат конструктивно и ќе соработуваат на сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки.
Носителката на советничката листа на Град Скопје од „Независни заедно“, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи да собира потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.
На локалните избори за Центар на 2 ноември ќе се соочат актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски кој освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој првиот изборен круг го заврши со 5.707 гласови.
Македонија
Мојсоска: ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Брвеница, Кичево и Чашка
Пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, во објава на „Фејсбук“ оцени дека „ВЛЕН“ отворено соработува со ДУИ на локалните избори.
„Едно резиме за колегијалноста во владината коалиција: ВМРО-ДПМНЕ вади кандидат за градоначалник во Брвеница. ВЛЕН исто така вади кандидат, а во вториот круг се обединија со ДУИ против кандидатот на Мицкоски,“ напиша Мојсоска.
Таа додава дека и во Кичево ВЛЕН настапил со свој кандидат, а лидерот на Беса, Билал Касами, јавно ја дал поддршката за ДУИ: „Кичевско ВЛЕН срамежливо вели ‘по сопствено убедување да се гласа’. Соодветен реципроцитет на јавната поддршка од Мицкоски која ја добија кандидатите на ВЛЕН, нели?“
Мојсоска наведува дека единствената општина каде ВЛЕН немал кандидат е Чашка, каде со поддршка на ВЛЕН и ДУИ уште во прв круг победил кандидатот на ДУИ.
„Значи, ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Чашка, Брвеница и Кичево,“ пишува Мојсоска, додавајќи дека тоа најверојатно е „како благодарност што Мицкоски ги остави Гостивар, Тетово и Струга без свои кандидати“.

