Македонија
Во Маврово 13, во Крушево 9 сантиметри снег
Висината на снежната покривка во Маврови Анови изутринава изнесува 13 сантиметри, додека во Крушево има девет сантиметри снег. На Попова Шапка има седум сантиметри снег.
Утринава најладно е во Берово -8, -7 во Крива Паланка,-4 во Тетово, Маврови Анови,-3 во Прилеп, Претор и -2 во Скопје-Зајчев Рид, Лазарополе, Битола, Штип, Дебар и Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.
Македонија
Евакуирани околу 110 лица по поплавите во Кичево, обезбедено привремено сместување и итна помош, отворена и сметка за донации
Поради обилните врнежи и зголемениот водостој на реките, во Кичево дојде до поплавување на населени места и земјоделски површини, при што беа погодени повеќе домаќинства. Од загрозените подрачја се евакуирани околу 110 лица, кои привремено се сместени во спортската сала во градот, каде што има обезбедено соодветно греење.
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, информира дека во соработка со Црвениот крст е обезбеден дел од потребната помош, додека храната за сместените лица се обезбедува преку општинската народна кујна и Црковната кујна, со средства на Општината и поддршка од Црвениот крст.
Во меѓувреме, донесена е одлука за редовна дезинфекција и дезинсекција на просториите со цел да се спречи евентуално ширење на зарази, а ангажирани се и хигиеничарки за одржување на хигиената. На терен активно дејствуваат сите надлежни служби, меѓу кои ТППЕ Кичево, ЈКП „Комуналец“ и други институции.
По барање на Општината, ЈЗУ „Општа болница“ – Кичево ќе обезбедува медицински тимови кои двапати дневно ќе вршат здравствени прегледи на сместените жители. Како што посочува градоначалникот, приоритет во моментов се здравјето, редот и безбедноста на граѓаните.
Од Општината информираат дека станува збор за долгогодишен проблем со излевање на речното корито, кое со години не било соодветно чистено. Штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ќе биде ангажирана механизација за чистење на коритото и изработка на насип во регионот кај улицата „Прилепска“, по што ќе се пристапи и кон трајно решавање на проблемот и обезбедување соодветни услови за сместување. Воедно, уште со преземањето на градоначалничката функција започната е изработка на комплетен проект за уредување на речното корито, со цел вакви ситуации да не се повторуваат.
Кризниот штаб ќе формира комисија за проценка на штетите откако ќе се повлече водата и ќе може безбедно да се пристапи на терен.
Црвениот крст на Република Северна Македонија информира дека преку својата општинска организација во Кичево, во соработка со Општина Кичево, во изминатите 24 часа обезбедил итна хуманитарна помош за евакуираното население. На погодените им се доставени душеци, ќебиња, креветнина, облека, храна, вода, хигиенски средства, како и топли оброци, а на терен се ангажирани волонтери кои постојано ја следат состојбата и одговараат на потребите на населението.
Воедно, Црвениот крст упати повик до граѓаните и компаниите кои сакаат да помогнат да донираат парични средства преку Фондот за солидарност. Финансиската помош може да се уплати на сметка 300000001327966, примател Црвен крст на РСМ – Фонд на солидарност, даночен број 4030984271620, преку АД Комерцијална банка, со назнака „Помош за настраданите граѓани од поплавата во Кичево“. Од Црвениот крст посочуваат дека донациите ќе бидат распределени транспарентно и еднакво до сите засегнати.
Дополнително, од Скопје се очекува пристигнување на поголема количина опрема, душеци и кревети, за кои се проценува дека ќе бидат доволни за тековните потреби. Центарот за управување со кризи информира дека во Кичево и околните населби има појава на вода во подрумски простории и на дел од површините, при што ЈКП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода.
Надлежните апелираат на смиреност, солидарност и одговорност, нагласувајќи дека здравјето на луѓето е најважно и дека конкретни мерки ќе се преземат веднаш штом ќе се создадат соодветни услови на терен.
Македонија
Утре без вода дел од корисниците во Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците во Општина Центар, информира РЦУК – Скопје.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 09.01.2026 година ( петок ) поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација. (општина Центар0“, се наведува во информацијата.

