Македонија
Во Македонија во моментот над 11.700 лица се заразени со коронавирус, Владата ги олесни мерките за објектите на затворено
Согласно со последните податоци, бројот на активни случаи на заразени со коронавирус изнесува 11.769 лица.
Најмногу заразени сè уште има во Скопје (4.150), Тетово (1.911) и Гостивар (1.494). Зад нив е Куманово (768), а потоа Струмица и Кичево со по над 500 заразени.
Во последните 24 часа беа регистрирани се 1.210 нови случаи на Ковид, 451 оздравени пациенти и 32 починати лица.
Досега во земјата се направени вкупно 1.118.535 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 170.412, бројката на оздравени пациенти е 152.916, на починати е 5.727.
Владата синоќа донесе измени и дополнувања на мерките што се однесуваат на затворените објекти. Со нив се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест Ковид-19 или
– Сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде што капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека, пак, во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на ковид-сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните ковид-документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

