Македонија
Во Македонија повеќе од 20 пожари на отворен простор
До 14 часот имапло повеќе од 20 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, четири се под контрола, а другите се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ: 6
1. Oпштина Василево, Општина Радовиш и Општина Берово: с.Нивичино на планината Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација);
2. Општина Прилеп: с.Бешиште, местo викано Бешишки Рид другиот крак према с.Градешница (мешана шума);
3. Општина Македонски Брод: с.Црешнево (ниска вегетација);
4. Општина Штип: помеѓу селата Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева);
5. Падините на планината Плачковица, Општина Карбинци, атар на с.Јунузлија (шума);
6. Општина Зелениково: с.Гумалево (ниска и мешана вегетација).
ПОД КОНТРОЛА: 4
1. Општина Прилеп: помеѓу селата Царевиќ и Смолани, м.в.Радобилски рид (мешана шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Македонски Брод 1: помеѓу селата Локвица, Крапа и Црешнево (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација);
3. Општина Македонски Брод 2: село Грешница (мешана шума и сува трева);
4. Општина Желино: помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Ф.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Д.Д.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.
Македонија
Македонски Концепт предлага помалку министри за рационална и ефикасна влада
Македонски Концепт, како изразито десничарска политичка партија и составен дел од владејачката коалиција, ја поддржува потребата од темелна реконструкција на Владата на Република Македонија, насочена кон рационализација на институциите, намалување на бројот на министерства и фузирање на сродни ресори во функционални целини, соопштија од партијата.
„Време е државата да се изгради врз принципот на помалку министерства и повеќе одговорност. Моделот на прегломазни влади, со прекумерна административна структура и голем број функционери, е производ на левичарско и комунистичко управување, кое со децении ја гуши ефективноста и ја поткопува одговорноста на институциите. Како автентична десничарска партија, ние се залагаме за мала, силна и ефикасна влада, во која секој функционер ќе носи реална одговорност за својот ресор. Од 1945 година до денес, Македонија не познала вистинска десничарска влада во суштинска смисла на зборот. Време е тоа да се промени. Доволно беше комунизам и неокомунизам, кои во последните 35 години ја одржуваат логиката на бирократски систем без резултати и без одговорност“, се наведува во соопштението.
Македонски Концепт предлага фузија на министерствата со цел рационализација на државниот апарат и поефикасно користење на јавните ресурси: Министерството за правда, локална самоуправа, информатичко општество, администрација и етнички заедници да се обединат во едно Министерство за државни служби – со што, наместо четири, ќе постои еден ресор со интегрирани функции и јасна хиерархија, Министерството за надворешни работи и евроинтеграции да се спојат во едно целосно усогласено Министерство за надворешни и европски работи и Министерството за животна средина да се интегрира со земјоделството, а културата да се поврзе со образованието, согласно современите европски практики за рационална јавна администрација и сл.
„Со оваа реорганизација, бројот на министри ќе се намали за најмалку 50%, при што функционерите ќе добијат поголема тежина и отчетност, а граѓаните ќе плаќаат значително помалку за луксузни кабинети и непродуктивна администрација“, велат од Македонски Концепт.
Од таму додаваат дека секој министер кој не може да управува со поширок ресор, не треба да биде министер. Државната функција не е социјална установа за политичка комоција, велат од партијата, туку организациски механизам што мора да произведува резултати.
„Во таа насока, Македонски Концепт ќе го претстави својот концептуален документ „Нов модел на десничарска влада“ на премиерот Мицкоски, на коалициските партнери во рамки на коалицијата „Твоја Македонија“, како и на другите владини чинители. Со тоа, ќе се побара широка поддршка за длабока институционална и функционална реформа што ќе ја постави основата на модерна, рационална и отчетна влада – влада на одговорни луѓе во служба на народот“, велат од партијата.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Дали и министерот Трипуновски е замешан во корупциската шемата на неговиот директор Стоилев
Директоот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ДПМНЕ и човек поставен од министерот Цветан Трипуновски е фатен во скандал со мито. Ова е уште една потврда дека корупцијата во земјоделието цвета, дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството била дувлно на злоупотреби на парите за земјоделците од ИПАРД програмите, истакна Александар Димитриевски, од СДСМ.
„Повеќе од година и пол низ земјоделските кругови се зборува дека се бараат провизии, се задржуваат предмети во фиоки, дека се вршат притисоци врз службеници кои одбиваат да бидат дел од тој механизам.
Сега тоа доби и конкретна потврда, директорот од ДПМНЕ е фатен со рацете во криминал.
Прашањето е дали и министерот Трипуновски е замешен во оваа корупциска шема?
Ќе поднесе ли оставка или ќе гледаме уште една фарса без одговорност?
Уште колку други случаи на земање мито и злоупотреби се прикриени во Агенцијата и Министерството“, праша тој.
Според него, овој корупциски скандал е директна закана ИПАРД програмата целосно да биде суспендирана од ЕУ.
Оценува дека доколку продолжи оваа состојба, ќе се блокираат милиони евра кои треба да завршат кај македонските земјоделци.
„Затоа мора да им целосна одговорност од првиот до последниот.
Со години се градеше транспарентен и ефикасен систем што им помагаше на земјоделците да ги искористат европските пари преку ИПАРД програмата. Македонија беше првa во регионот по искористеност на ИПАРД, вистински пример за успешна европска приказна.
Денес, по само година и пол власт на ДПМНЕ и Трипуновски избива огромен корупциски скандал. Ова е слика на Македонија под ВМРО-ДПМНЕ: држава на партиска корупција на секое ниво каде парите на земјоделците ги крадат функционерите на власт“.

