Македонија
Во многу тешка состојба е пациентката која по породувањето скокна низ прозорец на Гинекологија
Во многу критична состојба на КАРИЛ е пациентката што скокна низ прозорец на скопската Клиника за гинекологија по породувањето, изјави директорката на скопската Клиника за гинекологија, Викторија Јовановска.
Таа рече дека станува збор за 39-годишна жена, која се породила првпат. Немала посериозни психолошки проблеми иако не сакала да го дои бебето, што, како што рече Јовановска, не се случува првпат.
Прашана дали има некаква можност прозорците на Гинекологија да бидат затворени, Јовановска рече дека кај една од 10 породени пациенти по породувањето се случува психолошко нарушување, но сепак родилките не се затвореници за да ги чуваат изолирани и тоа би можело да вознемири многу пациентки.
Предлага психијатар, кој ќе ги посетува родилките еднаш во неделата и ќе разговара со мајките за да ја увиди нивната состојба.
„Табу-тема е да доаѓа психијатар тука и да разговара со мајките. Впрочем, на сите нам ни треба психијатар, а не само на родилките“, рече таа.
Пациентката на Клиниката била донесена во 36. недела од бременоста во средата со крвавење во последниот триместар од бременоста. Пациентката веднаш била прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и било утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба што витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката.
Пациентката била примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција.
Во петокот пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена во согласност со дадените препораки. Следниот ден пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинеколошко-акушерски статус.
Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра процена на состојбата, пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, е наведено во соопштението.
Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид фрлајќи се од првиот кат, рече организацискиот директор на ГАК, Јетон Шаќири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.

