Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.