Македонија
Во првиот круг од изборите, најмногу се рекламирале ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата
Во изборната кампања за првиот круг од локалните избори што се одржаа во октомври, најмногу време за платена политичка програма на радиодифузерите закупија Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ (189 часа 39 минути и 20 секунди), Коалицијата Национална алијанса за интеграција-НАИ предводена од ДУИ (119 часа 5 минути и 50 секунди), потоа Коалицијата за Локални избори 2025 година предводена од СДСМ (109 часа 25 минути и 5 секунди) и Коалицијата Влен (76 часа 42 минути и 2 секунди).
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, до Државната изборна комисија го достави Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на првиот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Податоците во Извештајот се добиени преку мониторинг на емитуваното платеното политичко рекламирање кај радиодифузерите и дополнително се проверени низ постапката на потврдување на извештаите за реализирани услуги на радиодифузерите.
Од 75 радиодифузери (33 ТВ и 42 РА) регистрирани во Регистарот на Државната изборна комисија за емитување платено политичко рекламирање (ППР) за Локалните избори 2025, во првиот круг од изборната кампања, вкупно 68, склучија договори со учесниците во изборната кампања – 33 телевизии и 35 радија.
На сите 33 телевизии беа емитувани вкупно 377 часа 20 минути и 10 секунди, додека на сите 35 радија беа емитувани вкупно 185 часа 17 минути и 43 секунди платено политичко рекламирање. Вкупно на сите радија и телевизии беше емитувано ППР од 562 часа 37 минути и 53 секунди.
Од 9-те национални телевизии коишто склучија договори за емитување ППР, најголем обем на рекламно време имаа Канал 5 (41 час, 7 минути и 53 секунди), Алсат-М (34 часа, 54 минути и 29 секунди) и Компани 21-М (27 часа, 3 минути и 57 секунди). Сите 4 национални радија склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време имаа Антена 5 (14 часа, 8 минути и 27 секунди) и Канал 77 (9 часа, 49 минути и 40 секунди).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

