Македонија
Во САД има над 15 илјади дебарчани
Во САД денеска живеат над 15 илјади дебарчани и добар дел од нив се заинтересирани да инвестираат во родниот крај. Според претседателот на татковинското здружение на дебарчани во Америка „Дибра“, Дашнор Мифтари, првите помасовни иселувања на дебарчани во Америка се регистрирани во 6о-тите години, а иселчувањето продолжува и денес.
Мифтари за „Макфакс“ изјави дека во Дебар има неколку инвестиции на иселениците, но додаде дека ако состојбите во Македонија се постабилни верува дека видно ќе се зголемат инвестициите со што ке се намали и невработеноста на младите во Дебар но исто така и не ќе има потреба за иселување на истите надвор од родниот крај. На средбите на здружението во Њујорк , се најавува голем интерес за инвестирање во Дебар.
„Ако се согледаат бројките на иселениците од Дебар во Америка тогаш станува јасно дека еден друг Дебар има во Америка“, рече Мифтари кој објасни дека соработката со локалната власт во Дебар е на високо ниво, а иселениците даваат и голем прилог во однос на организирање на хуманитарни акции и матријална подршка на населението во родниот крај.
Здружението на иселениците и општината Дебар имаа и заеднички проекти, а подршката за проекти од општ интерес ќе продолжи и во наредниот период. Инаку дебарските иселеници во САД во најголем број ги има во Стејт Исланд, Њујорк, Аризона и во други американски држави. /К.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски: Со меѓусебна соработка и меѓусебна поддршка можеме да придонесеме за сигурен, стабилен и безбеден регион
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (20 ноември) се обрати на промоцијата на регионалната платформа за соработка помеѓу националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина за земјите од регионот каде што истакна дека „хуманоста и човечноста се нашите водилки за побезбедно општество, за побезбедни граѓани“.
„Само со меѓусебна соработка и меѓусебна поддршка можеме да придонесеме за сигурен, стабилен и безбеден регион, но и во остварувањето на заедничките цели, раст и развој на државите“, истакна министерот.
Мисајловски додаде дека се почестите кризни состојби и природни катастрофи ги надминуваат националните граници и имаат регионални последици и затоа од исклучително значење е потребата од регионална координација, партнерство и заеднички одговор.
„Сите ние и како институции и како поединци сме силни толку колку што можеме да им помогнеме на граѓаните, при елементарни непогоди и други несреќи. Токму затоа секоја соработка со соседите, но и со останатите земји, партнери и сојузници е особено важна за континуирано унапредување на механизмите за превенција, рано предупредување и справување со кризи“ рече тој и уште еднаш упати благодарност во име на Владата и македонските граѓани до сите земји кои во овие изминати години беа тука да ни помогнат како со справувањето на последиците, така и во градењето на капацитетите за превенција и одговор.
Мисајловски во своето обраќање нагласи дека е горд на припадниците на Армијата, но и на сите останати чинители вклучувајќи го и Црвениот крст, кои со свој личен придонес даваат вистински пример како се сака сопствената држава, со максимална посветеност и интегритет во служба на граѓаните.
На настанот на кој присуствуваа претставници од регионот, од академската заедница, од Армијата и од останатите институции, Мисајловски заклучи дека само на овој начин преку градење на мостови за соработка дополнително ќе го зајакнеме системот на подготвеност и брза реакција.
Македонија
Алиу: Нов најсовремен апарат за магнетна резонанца во хируршката клиника Св.Наум Охридски, продолжуваме со проекти за унапредување на дијагностичките процедури
Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, каде е обезбеден нов најсовремен апарат за магнетна резонанца.
-Продолжуваме каде што застанавме заради локалните избори. Ова е уште еден имплементиран проект од Владата и Министерството за здравство, за унапредување на дијагностичките процедури, со цел овозможување здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет, изјави Алиу.
Директорот на клиниката, Небојша Настов истакна дека изминатата година во установата е обезбедена најсовремена медицинска опрема во вкупна вредност од 90 милиони денари.
-Со оваа нова генерација апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на самите прегледи, се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во еден ден. Со претходниот апарат стар 16 години се вршеа 4.000 магнетни резонанци на годишно ниво, а со новиот апарат очекуваме најмалку 5.000 снимања годишно. Покрај најновиот апарат за магнетна резонанца, имаме обезбедено и два нови лапароскопски столба и инструменти за трауматологија во клиниката, посочи Настов.
Македонија
Гаши-Бејтс: Активностите на НДИ се во полза на зајакнувањето на демократските процеси во земјава
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со делегација од Националниот демократски институт (НДИ), предводена од регионалниот дирекотор на НДИ за Европа и Евроазија, Скот Бејтс.
Во состав на делегацијата беа Нада Мазукина, заменик-регионална дирекоторка на НДИ за Европа и Евроазија, Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ Северна Македонија и Дејвид Сип, тим лидер на Проектот на НДИ „Заедници со интегритет”.
Гаши му честита на новоименуваниот директор на НДИ за Европа и Евроазија, Скот Бејтс, за новата функција и му посака многу успех во работата и соработка на многу проекти.
Исто така, изрази голема благодарност до НДИ за долгогодишната безрезервна поддршка што ја дава на Собранието, потенцирајќи дека сите активностите на НДИ се во полза на зајакнувањето на демократските процеси во земјава.
Гаши ги истакна своите заложби за зголемување на транспарентноста на Собранието во насока на приближување на граѓаните кон законодавниот дом и јакнење на довербата во институцијата.
Бејтс истакна дека постигнатите успешни проекти се резултат на покажаната волја за соработка и остави отворена врата за продлабочување на истата.

