Македонија
Во Скопје за 24 часа хоспитализирани 103 лица поради компликации од Ковид-19
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.684 и има околу 230 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје бројот на ковид-пациенти е 685, од кои само во последните 24 часа биле хоспитализирани 103 лица. Голем дел од овие пациенти се на кислородна поддршка.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 112 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 86 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 46 пациенти, во Велес се лекуваат 97 лица, а во Куманово 96 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 110 пациенти, во Прилеп – 138, во ковид-центарот во Гостивар – 43, а во Струга – 19 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 87 пациенти, во Кочани – 32, во Кичево – 28, во Кавадарци – 79, а во Гевгелија – 24 лица позитивни и суспектни на вирусот“, се вели во соопштението на Министерството, од каде што додаваат дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
И во скопските болници бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 70 слободни места. Се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места. Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 86 опоравени пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

