Македонија
Во Скопје невакцинирани 15 илјади деца на возраст до 14 години, најверојатно заразено уште едно дете со морбили
Во Скопје има 15 илјади невакцинирани деца на возраст до 14 години, од Министерството за здравство упатуваат апел до родителите навреме да ги заштититат своите деца. Ова следува откако беше прогласена епидемија на мали сипаници во населба Радишани, општина Бутел и согласно со одлуката на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство, епидемиолошките екипи од Центар за јавно здравје–Скопје во соработка со вакциналните пунктови при здравствените домови, во периодот од 21 до 24 декември се извршила контрола на моменталната состојба со вакцинацијата со МРП-вакцина на деца на возраст од 12 месеци до 14 години на подрачје на Скопје, информираа од Министерството за здравство.

„Контролите на терен покажаа дека во Скопје не се вакцинирани вкупно 15 000 деца на возраст до 14 години, согласно со препорачаниот календар за имунизација. Опфатот е посебно низок кај предучилишните деца, односно од вкупно 39 009 деца (родени во период 2013-2017), дури 11 256 или 29 % не се вакцинирани. Овие податоци се порака до родителите да ја разберат сериозноста на ова заболување и реалниот ризик за проширување на епидемијата во Македонија и навреме да ги заштитат своите деца“, изјави на денешната прес-конференција Владимир Микиќ од Институт за јавно здравје.
Тој потенцираше дека кај 9 од 10 лица, кои биле во контакт со заболено лице, постојат сериозни услови за ширење епидемијата во Скопје и во останатите градови во државата.
Билјана Данаиловска од Центар за јавно здравје информираше дека во моментов се пријавени вкупно 7 лица со морбили во населба Радишани, од кои 6 деца и едно возрасно лице во роднинска врска со едно од заболените деца.

Инаку, во текот на вчерашниот ден е регистрирано уште едно дете од истата предучилишна установа во Радишани со клиничка слика на морбили, за кое се чека лабораториска потврда, информираат од Министерството за здравство и додаваат дека сите лица се во добра здравствен состојба и во фаза на заздравување.
ЦЈЗ – Скопје преку своите епидемиолошки тимови спроведува соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, согласно со заклучоците на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство.
Данаиловска посочи дека од вкупниот број деца родени во 2017 година, повеќе од половина од нив или 53 проценти се невакцинирани, додека од децата родени во 2016 година, невакцинирани се повеќе од една третина или 36 %.
„Опфатот со прва доза МРП-вакцина за предучилишни деца е најнизок во општина Центар, во општина Карпош и во општина Аеродром, во кои речиси половина од децата се невакцинирани, додека, пак, висок процент на вакцинација со МРП-вакцина се бележи во општина Сопиште, односно 0 % невакцинирани и Шуто Оризари со 9,07 % невакцинирани. И покрај тоа, што кај училишните деца ситуацијата е подобра, односно од вкупно 65 806 деца од 1-9 одделение, невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 3.728 деца или 5,7 %, сепак загрижува податокот дека невакцинирани (или некомплетно вакцинирани) се 20 % од децата во прво одделение. Со возраста расте и опфатот со вакцинацијата и кај децата од 5 до 9 одделение, каде се невакцинирани помалку од 5 %“, соопштуваат од министерството.
Претседателката на Комитетот за имунизација при Министерство за здравство, Александра Грозданова, информираше дека веќе се одржани две работни средби на работна група, формирана од министерот за здравство, со претставници од МЗ, МТСП и ДСЗИ, со цел разгледување на можностите во законската регулатива за правото на заштита на децата од заразни заболувања, со цел соодветна имунизација и нивна навремена заштита.
Таа посочи дека препорака од работната група е во следниот период превентивни здравствени тимови да ги посетат предучилишни установи и училиштата имајќи предвид дека најголем дел од родителите имаат прашања и дилеми во однос на вакцинацијата.
„Апел од стручните лица е родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да заштитат своите деца бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници“, посочуваат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

