Македонија
Во Скопје состанок на меѓувладината работна група за европска соработка со Бугарија
Меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото продолжи со својата работа и активности, денеска во Скопје.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, како копретседавач со оваа работна група, го отвори состанокот, истакнувајќи дека веќе е поставена стабилна основа во областа на евроинтеграциите, зелените политики и доброто владеење, и дека сега е време само да се надградува.
„Соработката е клуч на добрососедските односи и напредокот на регионот. Средбите и новата комуникација која ја воспоставивме значи дека постои перспектива, дека имаме добри односи и дека имаме политичка желба и одговорност да гледаме во правец на развојот и нови можности, од кои двете земји и граѓаните од двете страни на границата може само да имаат корист“, рече Маричиќ на средбата.
Во рамки на првиот дел од средата беше потпишана Декларација за соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, од страна на министерот Адмирим Алити и неговиот бугарски колега Божидар Божанов, со цел воспоставување, развивање и зацврстување на билатералната соработка во областа на доверливи електронски услуги и електронска идентификација.

После завршувањето на воведниот поздравен дел следуваа паралелни состаноци по теми на кои надлежните министри дискутираа за заедничките можности и потреби од соработка во конкретните ресори.
Вицепремиерот Маричиќ, заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, беа дел од сесијата на тема „Партнерство со граѓанските организации“, на кој заедно со бугарската колешка, вицепремиерката задолжена за добро владеење, Калина Константинова, разговараа за значењето на граѓанскиот сектор во развивањето на праксата на добро владеење и унапредување на демократските процеси во земјата.
Грковска информираше за Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, и во таа насока се договорија да работат на воспоставување на иницијатива за соработка на граѓанските сектори на двете пријателски земји со посебен фокус на размена на искуства и мислења во полињата за добро владеење, зелената агенда и евроинтеграциите.
Министерот за правда Тупанчески, со својот колега, бугарскиот заменик-министер за правда, Борислав Ганчев, на заедничкиот состанок ги дефинираа приоритетни области во кои би се насочила поддршката и размената на искуства за идната Стратегија, како и текстови од важечките прописи, стручната литература и публикации од областа на правосудството, организирање и учество на конференции, работилници и семинари, како и соработка при компаративни истражувања поврзани со правни прашања од заеднички интерес. Заменик-министерот Ганчев изрази интерес за правната рамка за лобирање, како и за организацијата и функционирањето на јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, за што министерот Тупанчески истакна дека Министерството за правда е отворено за соработка и ќе даде максимална поддршка и придонес во овие приоритетни области.
На денешната трета сесија на меѓувладината работна група за „Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на право”, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на билатералната средба со бугарскиот колега, вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води на Република Бугарија Борислав Сандов, го потврдија заедничкиот став дека продлабочување на билатералната соработка и во делот на животната средина има важна улога во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како и во имплементацијата на регулативата од Поглавјето 27.
Од страна на Бугарија, на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и е понудена развојна техничка помош за Поглавјето 27, односно за зајакнување на институционални и административни капацитети за водење на преговори за Поглавје 27, што би била финансирана преку Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Во таа насока, на заедничката седница се дефинираа приоритетните теми за времетраењето на проектот, кој се предвидува да започне веднаш и да трае до април 2023 година. Министерот Нуредини, како приоритетни области во кои би се насочила поддршката ги посочи индустриските жешки точки и справувањето со аерозагадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

