Македонија
Во странство се лекуваат стотина млади луѓе по пожарот, уште двајца денес ќе бидат префрлени во Шведска
Министерството за здравство информира за состојбата на пациентите во установите во земјава и странство, согласно воспоставените процедури за известување од медицински центри во странство.
Од Министерството напоменуваат дека сите пациенти се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна врвна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство.
Од вкупно 178 повредени, во јавните здравствени установи во државата во моментот се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.
Во Австрија од вкупно шест пациенти кои беа на интензивно лекување, еден пациент е префрлен на оддел, а другите се во потешка, но стабилна состојба.
Во Литванија четворица пациенти се уште се на интензивно лекување, кои се во стабилна состојба во моментот.
Во Србија, од вкупно 30 пациенти, 11 се интубирани во потешка општа состојба, а останатите се стабилни.
Во Бугарија се хоспитализирани вкупно 15 пациенти, од кои седум се интубирани и 6 оперирани, со стабилна хемодинамика, а двајца почнуваат од денес да се движат.
Во Словенија во УКЦ Љубљана се хоспитализирани двајца пациенти, кои се во потешка здравствена состојба, со благо подобрување од вчера.
Во Грција од вкупно 12 пациенти, двајца се критични, но стабилни во моментот, тројца од нив се оперирани. Утрово се пристигнати и нови пациенти во Атина, кои се хоспитализирани и се под опсервација.
Во Белгија и во Италија се хоспитализирани по 4 пациенти и сите се стабилни.
Во Хрватска се хоспитализирани двајца пациенти во тешка општа состојба, но стабилни, а за пристигнатите тројца нови пациенти во тек се дополнителни иследувања.
Исто така, во Полска се на лекување двајца пациенти, од кои едниот е екстубиран, а другиот е на интензивно лекување.
Денес се во тек подготвителни активности за транспорт на двајца пациенти за Шведска.
Министерството упати благодарност до медицинските тимови од странство, кои со својата стручна експертиза, заедно со нашите здравствени работници заеднички и посветено се грижат за повредените пациенти во нашите здравствени установи. Благодарност и за поддршката од сите општествено одговорни компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

