Македонија
Во тек е конкурсот за наградата „Жан Моне“ за новинари и фоторепортери
Делегацијата на Европската Унија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го објавуваат конкурсот за 18-тото издание на наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”.
Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во 3 натпреварувачки категории:
Најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми, телевизија, радио и/или на интернет);
Најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет);
Најдобра аматерска фотографија.
1. Конкурс за најдобра новинарска сторија
Во оваа категорија може да учествуваат стории коишто се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, а чиишто автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија, телевизии, радио или на веб-страници, во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година.
Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”; Да се објавени во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година; Да се потпишани со вистинското име на авторот.
Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат (видеофајл за ТВ и радио), заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
2.Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет)
Конкурсот е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до три (3) фотографии на тема „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да бидат поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”;
Да се објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година;
Да не се користени за комерцијални цели.
Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18.00 часот.
Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
3.Конкурс за најдобра аматерска фотографија
Конкурсот е отворен за сите фотографи аматери од државата кои може да достават една фотографија на тема „Заедницата – тоа сме ние“. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да биле претходно објавени.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
Да се однесуваат на темата „Заедницата – тоа сме ние“; Да не се користени за комерцијални цели.
Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 11 април 2021 година, до 18:00 часот. Секој кандидат може да испрати по една (1) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.
Забелешка: Оваа активност е организирана во соработка со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Делегацијата на Европската Унија нема да се смета за одговорна за каква било законска обврска што произлегува од какви било спорови околу авторските права, за кои исклучиво е одговорен пријавениот натпреварувач. Делегацијата на Европската Унија го задржува правото да ја поништи квалификацијата на пријавената творба околу која се спори и да ја повлече доделената награда и паричната награда. Оваа активност не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Дополнителни информации
За добитниците на наградите ќе решава жири-комисија составена од пет члена. Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 28 април 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.

