Македонија
Во Трубарево гори и пластичен отпад, Ангелов рече дека пожарот е подметнат и нема повредени лица
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека големиот пожар кој денеска избувна во фабриката „Ф – Групација“ во Скопје, каде што се складира електронски отпад, е намерно подметнат и претставува хибриден напад врз државата.
Ангелов објасни дека пожарот зафатил два производствени погони во кои имало и пластика. Огнот делумно се проширил и кон уште два соседни објекти каде што е складирана поголема количина на пластичен отпад.
„Пластиката дава густ и црн, а верувам и токсичен чад“, рече Ангелов.
Директорот на ДЗС соопшти дека нема повредени, а побарана е помош од соседните противпожарни единици. Дел од пожарникарите се во црниот чад со заштитни маски.
Рече дека сите ресурси се насочени кон овој пожар, на терен дејствува ер-тракторот, хеликоптерите на МВР и АРМ, хермелин, пожарникари…
Тој нагласи дека пожар од ваков обем не може лесно да се запали и дека не е случаен:
„Ова е хибриден напад врз државата, бидејќи во краток временски период се случија повеќе тешки пожари што предизвикуваат огромно загадување на воздухот во Скопје – Вардариште, Дрисла, депонијата во Шуто Оризари и денес оваа фабрика. Мета сме на хибриден напад, а за мотивите можеме само да погодуваме.“
Ангелов додаде дека Министерството за внатрешни работи работи на откривање на сторителите и упати апел до граѓаните: „Секое сомнително однесување, лица со туби, особено околу вакви објекти, веднаш пријавете ги на бројот 112 или во најблиската полициска станица.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

