Македонија
Во јануари 2018 ќе биде потпишан протоколот за членство во алијансата, соопшти Владата
Од втората половина на 2018 година почнуваат пристапни разговори меѓу Република Македонија и НАТО, редовна постапка што се спроведуваше за сите земји членки, соопшти Владата.
„Полноправното членство на Република Македонија во НАТО е на дофат. Нашата држава ќе стане членка на најмоќниот систем на колективна безбедност што обединува 900 милиони граѓани. Најсилните земји во светот ќе бидат наши сојузници.Со тоа ќе се реализира нашата стратешка цел. НАТО е најсилна гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и зачувување на територијалниот интегритет. Членството во НАТО воедно е важен предуслов за економски развој, странски инвестиции и просперитет“, се наведува во владиното соопштение.
Во текот на пристапните разговори, како што стои во соопштението, Македонија ќе треба да потврди дека целосно ги прифаќа одредбите од основачкиот договор на НАТО и сите политички и правни стандарди на Алијансата, и да потврди дека го прифаќа процесот на одбранбено планирање на НАТО и врската со воените структури.
Понатаму, Република Македонија ќе треба да декларира посветеност и спремност дека ќе се придржува на политичките стандарди на НАТО, на одбранбените и воени прашања, дека ќе одвои доволно средства за имплементација на сите обврски, дека целосно ќе учествува во структурите на Алијансата и други прашања поврзани со безбедноста.
Освен тоа, Република Македонија ќе треба да изрази спремност дека ќе пристапи кон сите формални договори кои се дел од корпусот на меѓународни договори, протоколи и правила на НАТО.
Покрај тоа, паралелно со пристапните разговори, Република Македонија треба да изработи програма за продолжување на реформите. Програмата треба да даде рамка за продолжување на домашните реформи (на пример владеење на право, независност на судство, борба против корупција и организиран криминал, реформите во службите за безбедност и разузнавање), како и целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и целосна имплементација на договорот со Грција.
Програмата треба да опфаќа и прашања поврзани со модернизација, реструктуирање, капацитети и интероператибилност на АРМ со воените структури на НАТО.
Програмата треба да има и дел за создавање на правила и буџетска регулатива за да може РМ целосно да ги исполнува обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, како и соодветни реформи и прилагодувања на безбедносните стандарди на НАТО.
Во јануари 2018 ќе биде потпишан протоколот за членство во НАТО и нашата држава ќе почне да учествува во НАТО структурите – но без право на глас. По потпишувањето на протоколот за членство започнува ратификацијата во сите 29 парламенти на државите членки на НАТО, согласно со нивните домашни процедури. Ратификацијата трае околу една година, по што ќе станеме полноправна членка на НАТО. Ова е истата стандардна процедура за зачленување во НАТО што ја поминале сите земји членки до сега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

