Македонија
Во Њујорк одбележана 30-годишнината од македонско-американските дипломатски односи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Соединетите Американски Држави, што се одржа во Њујорк.
Сиљановска-Давкова порача дека посакува и во следните 30 години да го продолжиме стратешкото партнерство со САД бидејќи живееме во турбулентни времиња во кои е неопходна меѓусебна поддршка на глобален план.

Обраќајќи им се на претставниците од македонската дијаспора, таа оддаде почит за нивните успеси и им посака да останат сплотени и обединети. Претседателката изрази уверување дека заедно можеме да работиме на подобрување на животот во татковината.
„Должни сме кон вас. Јас ветувам дека ќе сторам сè да ги интензивираме контактите и тогаш кога сме одвоени“, рече таа додавајќи дека што побргу ќе го формира советот за дијаспората преку кој континуирано ќе се регулираат односите.

На настанот присуствуваа претставници на американските владини институции, македонски дипломати во САД, како и претставници на македонската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Дубаи оствари средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.
По средбата, Муцунски истакна дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.
На средбата беше разговарано и за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата и придонесот на дијаспората во овој процес.
Министерот ги запозна присутните и со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата.
Македонија
Сали-Суперти: во фокусот, напредокот на Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.
Исто така, беше оценет напредокот во подготовката на Роадмеповите за реформи и тековната координација со Европската комисија.
Сали ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на реформите и за постојана поддршка од европските партнери, како и подготвеноста за справување со практичните предизвици, како што е имплементацијата на Системот Exit/Entry за транспортерите.
Во рамките на тесната соработка со Претседателството на Кипар и европските институции, беше повторено дека Северна Македонија се обврзува да продолжи со брзи и одржливи чекори кон интеграцијата во Европската унија, обезбедувајќи стабилност, просперитет и одржлив развој за граѓаните.
Македонија
„Скопје – Европска престолнина на културата 2028“: Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти
Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба, додаваат од таму.
Со отворањето на овој конкурс, Скопје, се истакнува во соопштението, влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти.
„Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем.
За таа цел, бараме проекти со:
– силен концепт и јасна европска димензија
– општествена и културна вредност
– професионална реализација
– подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес“.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација.
Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми.
Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент!
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации. Ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина“, се додава во соопштението од Град Скопје.

